Компаниите се подготвени да примаат средношколци на пракса


Кконсултативна средба со раководствата на скопските средни стручни училишта и со претставници на бизнис заедницата одржаа денеска градоначалникот Петре Шилегов, министерката за образование и наука, Мила Царовска и швајцарската амбасадорка Сибил Сутер. На средбата што се одржа во Музејот на современа уметност се разговараше за потребата од реформи за унапредување на средното стручно образование.

– Компаниите ги отворија своите врати и од нашето истражување кое што го направивме со 450 компании во изминатиот период добивме резултати дека 85 отсто се подготвени или да ги вклучат учениците во дуално образование кај нив или да примат ученици на пракса во првите години од нивното образование – рече Царовска.

Министерката потенцираше дека на овој начин од наредната учебна година ќе запишеме ученици во профили кои што им се потребни на компаниите и на тој начин ќе отвориме можност младите луѓе веднаш по завршување на средното стручно образование да бидат вработливи со соодветни вештини и директно да се вклучат на пазарот на трудот.

– Денеска почнуваме со процесот на реформи во средното образование со започнување дебати, дискусии и анализи околу процесот на таканареченото дуално образование. Во Градот Скопје имаме 23 средни училишта од кои што 15 продуцираат стручни кадри со посебни стручни знаења. Во овој процес, благодарејќи на Министерството за образование и наука и Владата, благодарејќи на Швајцарската амбасада и ангажманот на Град Скопје, правиме анализа на потребите на пазарот. Во тој процес ги вклучуваме и компаниите со цел децата кои го изучуваат средното образование преку дуалното образование да бидат доволно стручни и способни, според потребите на пазарот на трудот и според она што го бараат компаниите како дефицитарен кадар. Целта е тие деца утре да бидат конкурентни на пазарот, стручни и добро платени – рече градоначалникот Шилегов.

Град Скопје преку 15-те училишта обезбеди целосна поддршка на МОН при спроведувањето на анализата со која се утврдува соодветноста на постојните образовни профили што ги нудат училиштата, како и потребата од нови профили кои им се потребни на компаниите, но не се вклучени во наставните програми. Во услови кога кадрите кои имаат завршено средно стручно образование стануваат дефицитарни, оваа реформа во средното стручно образование ќе овозможи средните училишта да произведуваат кадри кои ќе ги задоволат потребите за ваков стручен кадар.