Kомандир на полициска станица пукал со автоматско оружје на веселба


Пратеникот и член на Извршниот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, денеска на Твитер објави видео на кое се гледа како човек пука со автоматска пушка од балкон на кој е истакнато турско знаме.

На објавеното видео се слуша гласна музика, од што може да се заклучи дека станува збор за некаква веселба.

Во објавата на Твитер, Ковачки вели дека настанот се случил во земјава, а за лицето кое пука со оружјето тврди дека е командир на полициска станица.

 

„Со дивјаштвото и односот од првите луѓе на полицијата, личиме на африканска држава. Ова е во Македонија – командир на полициска станица, со автоматско оружје предизвикува општа опасност и не одговара за ништо. Не одговара ниту тој што го поставил“,пишува Ковачки во објавата на Твитер.

Во меѓувреме, од Министерството за внатрешни работи (МВР) велат дека се преземаат активности за расчистување на случајот, за чиј исход јавноста ќе биде информирана.