Скандал во Германија: Командантот на морнарицата поднесе оставка поради изјава за Путин

Адмиралот Шенбах на панел за еден тинк-тенк изјави дека загриженоста за руската инвазија е преголема и дека „она што Путин навистина го сака е почит“


Командантот на германската морнарица Каи-Ахим Шенбах поднесе оставка откако беше мета на критики поради изјавата дека рускиот претседател Владимир Путин заслужува почит и дека Киев никогаш нема да го врати Крим од Москва.

„Побарав од министерката за одбрана Кристина Ламбрехт да ме разреши, а таа го прифати моето барање“, се вели во синоќешното соопштение на вицеадмиралот Каи-Ахим Шенбах, пренесуваат агенциите.

Германската влада во саботата беше принудена да се огради од коментарите на началникот на германската морнарица Шенбах, кој на панел на еден  тинк-тенк изјави дека загриженоста за руската инвазија е преголема и дека „она што Путин навистина го сака е почит“. Тој исто така рече дека „полуостровот Крим заминал и дека никогаш нема да се врати“ кон Киев.

Шенбах, кој рече дека го искажувал своето приватно мислење, но ја носел својата униформа, исто така рече дека се залага за соработка со Русија за да се спречи подемот на Кина.

„Содржината и изборот на зборовите на изјавите не соодветствуваат на кој било начин со ставот на федералното Министерство за одбрана“, изјави во саботата владиниот портпарол.

Шенбах поднесе оставка доцна во саботата, велејќи во соопштението објавено од Министерството за одбрана дека неговите „непромислени изјави“ „сѐ повеќе ѝ тежат на мојата канцеларија“ и дека смета оти е неопходен чекор за „да се избегне дополнителна штета“.

Амбасадорот на Украина во Германија, Андриј Мелник, рече дека оставката на началникот на морнарицата не е доволна за да се поправи направената штета, велејќи за Велт“дека инцидентот „ја оставил целата украинска јавност во длабок шок“ и „масовно ги доведува во прашање меѓународниот кредибилитет и сигурност на Германија – не само од украинска гледна точка“.

Одбивањето на Германија да ѝ достави оружје на Украина во услови на безбедносна криза на нејзината граница со Русија има за цел да избегне ескалација на тензиите, изјави германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт во интервју објавено во саботата.

„Можам да разберам дека сакаме да ја поддржиме Украина и тоа е токму она што веќе го правиме“, изјави Ламбрехт за „Велт ам зонтаг“, велејќи дека Германија ќе обезбеди теренска болница и ќе обезбеди медицинска обука во февруари и дека „веќе ги лекува сериозно повредените украински војници во болници на Бундесверот“.

Но, испраќањето оружје „нема да помогне да се смири кризата во моментов“, рече таа.

Берлин, исто така, блокираше други земји, вклучително и Естонија, да испратат артилерија од германско потекло во Киев, одбивајќи да ги издаде потребните дозволи – што ги налути украинските власти.

„Сериозноста на ситуацијата бара од коалициската влада веднаш да размисли и да го промени курсот за прашањето за испорака на оружје за Украина“, изјави украинскиот амбасадор во Германија, Андриј Мелник, за „Ханделсблат“ во саботата, додавајќи: Киев „нема да се одмори во убедувањето на германската влада и опозицијата да испорача одбранбено оружје на Украина“.