Колку заработуваат автомобилските компании по автомобил?


Се плаќа брендот, се плаќа престижот… Повеќето производители на автомобили остварија поголем профит минатата година, и покрај тоа што се продадени помалку возила.

Ферари се уште е шампион во автомобилската индустрија, а по него е Тесла, но бројките на американската марка електрични автомобили се далеку од италијанскиот спортски бренд.

Минатата година Ферари оствари околу 94.500 евра добивка по автомобил. Тесла е на второ место со повеќе од 6.100 евра добивка по продаден автомобил. Анализата ја објави порталот Motor1.
Не поминаа добро само Ферари и Тесла. Извештајот покажува дека 19-те најголеми производители на автомобили во светот во просек заработиле повеќе пари по продаден автомобил минатата година.

Профитот падна од 1.168 евра по продаден автомобил во 2019 година на 811 евра во 2020 година, за да се зголеми минатата година на дури 1.903 евра по продаден автомобил.

Производителите се прилагодија на пандемијата и недостатокот на чипови, кои го погодија автомобилскиот сектор. Според експертите, индустријата главно се фокусирала на производство на најпрофитабилните модели како теренци и електрични возила.

Намалени се и попустите и цените, пишува магазинот ХАК.

Анализата на Мотор1 направена според финансиските извештаи од Aston Martin, BMW Group, Daimler, Ferrari, Ford, Geely Group, General Motors, Honda, Hyundai Motor Group, Isuzu, Mazda, Renault-Nissan, Stellantis, Subaru, Suzuki, Tata Group, Tesla, Toyota , и Volkswagen Group, покажува дека приходот изнесуваше 1,89 билиони долари. Тоа е зголемување од 13 отсто во споредба со 2020 година, но е намалено за 6 отсто во споредба со 2019 година. Интересно е што вкупните продадени единици не ја следеа истата шема.

Во 2021 година овие компании продале 69,54 милиони возила, што е за 2 отсто повеќе од 2020 година и за 14 отсто помалку од 2019 година. Тоа значи дека производителите на автомобили ги зголемиле цените или ги намалиле попустите во текот на годината. Овој бизарен тренд на продадени единици наспроти профит делумно се објаснува со недостигот на нови автомобили на располагање поради недостигот на чипови. Помалку достапни автомобили во комбинација со поголемата побарувачка по заклучувањето на Ковид ги зголемија цените.

Просечниот приход по продадена единица во 2021 година беше 27.270 американски долари, што е за 11 отсто повеќе од 2020 година и за 10 отсто од 2019 година.