Колку време е потребно да се заразите, ако сте во соба со некој која има КОВИД-19? Пресметајте сами!


Математичарите од американскиот МИТ универзитет создадоа формула за пресметка на веројатноста од зараза со короннавирусот (линк)

 

Кои се шансите некој да добие коронавирус зависи од голем број варијабли… Од тоа – колку време една личност е изложена на вирусот, колку време поминала со заразено лице, под кои услови, до она што правеле и слично.

Лекарите постојано посочуваат дека е потребно да се одржува растојание меѓу луѓето од најмалку метар и половина, да се носи маска, често да се проветруваат просториите, да се мијат рацете, да се дезинфицираат површините што најчесто се допираат… Но, со доаѓањето на постудените денови, ние минуваме сè повеќе време во затворени простории и тешко е да се процени дали некој кашла поради сув воздух, обична настинка или е тоа еден од симптомите на болеста Ковид-19. Затоа, математичарите од американскиот МИТ универзитет решија да се справат со проблемот на ширење на коронавирусот и осмислија комплексен математички модел за пресметување на веројатноста на зараза кај еден човек.

Бидејќи самата математичка формула е исклучително комплексна и сложена, МИТ одлучи да создаде и интернет-страница којашто пак, е (релативно) лесна за употреба и што може да им помогне на луѓето да пресметаат каква е нивната поедничечна можност за опасност од зараза.

На страницата за упатства, треба да пополните прашалник, односно да одговорите на низа прашања во врска со самата сомнителна просторија во која сте се нашле, условите во неа, бројот на луѓе во неа, како и што прават луѓето.

Истражувачите за потребите на страницата вклучиле само едно лице заразено со коронавирус, како репер при пресметките. Јасно е дека повеќе заразени ќе значат и поголеми шанси за ширење на вирусот.

Иако прашањата може да изгледаат невообичаени, затоа што од корисниците се бараат податоци како што се висината на таванот, видот на системот за климатизација и слично, вреди да се истрае и да се одговори на секое од нив, нагласуваат математичарите.

На пример, ако две лица седат во просторија од 20 квадратни метри, разговараат без заштитни маски, со затворени прозорци и без посебен систем за вентилација, ситуацијата ќе стане небезбедна по помалку од еден час. Во превод, еден час е доволен за човекот да се зарази во такви услови.

Се разбира, треба да се напомене дека ова е само модел, симулација на развој на ситуацијата во совршени услови. И сите знаеме дека во реалниот живот не е баш така. Но, ако планирате семеен собир за празниците (се разбира – во согласност со сегашните епидемиолошки упатства), оваа алатка може да ви помогне да изберете точен број на луѓе што ќе ги поканите, големината на просторијата во којашто ќе престојувате и фреквенцијата на отворање на прозорецот и проветрувањето.

На крај, и нивните препораки гласат – носете заштитните маски и почитувајте ги здравствените мерки за заштита од зараза.