Колку вредат пасошите на земјите од регионот (инфографика)


Индексот за пасоши на Хенли (The Henley Passport Index) нуди рангирање на сите пасоши во светот според бројот на дестинации за патување со нив без виза.

Индексот и неговата содржина се засноваат на податоци од Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA), дополнети од тим од Henley & Partners.

Индексот комбинира 199 различни пасоши и 227 дестинации за патување.

Методологија за индексот за пасоши

Вкупниот резултат на еден пасош го означува бројот на земји/територии во кои овој пасош може да патува без виза.

Ова ги вклучува сите дестинации во кои што може да се патува без виза при пристигнување или електронско овластување за патување (ЕТА) – за овие видови визи не е потребно одобрение од владата пред поаѓање.

Според методологијата на Индексот за пасоши – пасошот добива оценка 1 за сите дестинации за кои на носителот на пасош од одредена земја или територија не му треба виза.

Кога е потребна виза, или ако носителот на пасош мора да добие електронска виза одобрена од владата (е-виза) пред да патува, како и во случаи кога на патникот му треба претходна дозвола од државата за да добие виза по пристигнувањето – се доделува резултат од 0.

Јапонија и Сингапур на врвот

Користејќи ја оваа формула, најмоќните пасоши ги имаат граѓаните на Јапонија и Сингапур, кои можат да патуваат во 192 земји или територии без виза.

Второто место го делат Германија и Јужна Кореја, чии граѓани можат да патуваат во 190 земји без виза.

Финците, Италијанците, Луксембуржаните и Шпанците го делат третото место и можат да патуваат во 189 земји или територии со своите пасоши без виза.

Авганистан има најслаб пасош, неговите сопственици можат да патуваат без визи во 26 земји или територии.

На дното на листата се Ирак (28) и Сирија (29).

Со косовски пасош најмалку безвизни патувања

Од земјите во регионот, најмоќен е пасошот на Словенија, чии сопственици можат без визи да патуваат во 181 земја или територија, пишува Ал Џезира Балканс.

Словенија го дели 11. место во рангирањето со Естонија и Латвија.

Хрватскиот пасош е на 18 место и може да се користи за патување во 172 земји или територии.

Српскиот пасош може да се користи за патување во 135 земји или територии и е на 39-то место во светот.

Пасошот на Северна Македонија е на 47 место и овозможува безвизно патување во 125 земји / територии.

Едно место под македонскиот е црногорскиот пасош, чии сопственици можат да патуваат без визи во 123 земји.

Пасошот на Босна и Херцеговина е на 54 -то место и можно е да се патува во вкупно 116 земји без виза.

Убедливо најлошо рангиран пасош во регионот е Косовскиот патен документ; по сила го дели 108-то место со Бангладеш и Либија.

Носителите на овој пасош можат да патуваат во 40 земји или територии без виза.

Подолу е преглед на визниот систем кој важи меѓу поединечни земји во регионот и други земји во Европа.

 

Според бројот на земји во кои е можно безвизно патување во Европа, најсилни се пасошите на Словенија и на Хрватска.

Носителите на овие пасоши можат да патуваат во сите европски земји без виза, освен Русија и Азербејџан.

Со пасошите на Србија и Црна Гора е можно без виза за Русија, но затоа виза е потребна за патување во Велика Британија и Ирска, како и во Азербејџан и Гибралтар.

На патниците со пасош на Босна и Херцеговина, покрај овие четири дестинации (Велика Британија, Ирска, Азербејџан и Гибралтар) им е потребна и виза за патување во Косово.

На граѓаните на Косово им треба виза за повеќето европски земји. Без виза можат да патуваат во пет европски земји: Србија, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија и Турција.