Колку судии и обвинители не го поминаа ветингот во Албанија?


Хелена Папа, експертската која го спроведуваше ветингот во Албанија

 

Реформите во правосудството не се брзи решенија. Треба да се комуницира со граѓаните дека ако ја спроведет таа реформа ќе биде потребно одредено време за да се видат резултатите. Резултатите од реформите не се видливи веднаш. Јавноста треба да биде искрено информирана за тоа што ќе се случува, колку време ќе трае и какви резултати се очекуваат. Доколку, пак, се одлучите да спроведете ветинг во судството, бидете подготвени за недостиг на судии и јавни обвинители, каков што беше случајот со Албанија, вели во интервју за МИА меѓународната експертка за правосудство и антикорупција Хелена Папа.

Од аспект на евроинтеграциите, Папа нагласува дека постои геополитички моментум што земјите од Западен Балкан треба да го искористат бидејќи, како што посочува, можеби постои некаква волја кај членките на ЕУ. 

„Да не заборавиме дека процесот e сложен и дека на земјите-членки им е потребен консензус за тоа која држава ќе влезе во ЕУ“, посочува таа.

Папа е добар познавач на правосудниот систем во регионот, и учествувала во реформирање на судството во Албанија. Од 2024 таа го презема вториот мандат како независен експерт за човекови права и член на Комитетот на Советот на Европа за спречување на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување.

За ветингот како реформа во судството во Албанија, вели дека таа реформа не била насочена само кон проверка на судиите, обвинителите и правните застапници, туку и кон промена на архитектурата на независните правосудни институции.

Таа појаснува дека седум години по спроведувањето на оваа реформа во Албанија, биле разрешени 269 судии и обвинители, 163 го напуштиле  системот по други основи – пензионирање, оставка… Истовремено, 373 судии и обвинители го поминале ветингот.

Вели дека очекувањата биле дека од 15 до 20 отсто од судиите и јавните обвинители ќе го напуштат системот, но бројките биле двојно поголеми. 

„Ако го земеме предвид бројот на судии кои беа разрешени во првото ниво на ветинг, тоа би било околу 40 проценти од судиите. Ако на овој број ги додадеме оние кои го напуштија системот поради други причини, доаѓаме до 50 до 55 проценти, со само 40 до 45 проценти на судии и обвинители кои останаа на функција. Можете да видите какво влијание имаше ветингот во однос на човечките ресурси на системот, беше толку значајно што беше потребно Високиот судски совет или Високиот обвинителски совет во соработка со Албанското училиште за магистрати да воведат дополнителни мерки за да има нови судии и обвинители во системот“, вели таа.