Колку пасоши може да се печатат месечно – 50.000 или 75.000

Можете да вртите по двесте пати за закажување пасош, но нема да добиете линија. Но на Христијан Мицкоски му успеало затоа што требало да патува


 

Во многу наврати досега и од претходниот министер за внатрешни работи и од сегашниот технички се наведуваше дека капацитетот на машините за печатење пасоши е 50.000 примероци. Министерот Панче Тошковски денеска изјави дека не било толку, туку дека бројката е 75.000. Ако се оптимизираат машините и ако сѐ работи како подмачкано.

Тошковски денеска во утринската програма на Сител рече дека дневно може да се изработат по 3.000 нови пасоши, но во оптимизирани услови.

„Имаме две машини со дневен капацитет, кој се надевам дека ќе го оптимизираме, за околу 3.000 пасоши дневно. Но најважно е да не го изгубиме континуитетот, динамиката во испораката на обрасците.  Ако има печатење на пасоши од тип Б со други јазици, ќе биде под 2.800, така е побавно“, рече Тошковски.

Тој дава математички прогнози. Според тие прогнози пасошите ќе биле обновени до крајот на годината доколку сѐ биде во ред со машините и испораката на обрасците. Има уште 650.000 незаменети пасоши со старото име, вели Тошковски. А неговата партија во утринското соопштение тврди дека над милион луѓе немале пасош. „СДС да го поддржи предлогот законот на ВМРО-ДПМНЕ за продолжување на важноста на пасошите, народот не смее да биде заробен со месеци. Над милион наши сограѓани немаат пасош, и тие се заробени и им е ограничено движењето, главен виновник за тоа е СДС“, рече ВМРО-ДПМНЕ во соопштението. Можеби партијата подобро знае од министерот кој управува со внатрешните работи.

„Уште една машина не може да се обезбеди, затоа што сега се избори, а таа постапка трае долго време. Ако работиме 25 дена месечно, по 3.000 на ден, тоа е 75.000 месечно. Со оваа бројка ќе може да се обноват“, рече Тошковски.

Тој соопшти дека денеска добил допис од Брисел дека ЕУ нема да прави проблеми доколку македонските граѓани би требало да патуваат со македонски пасоши со старото уставно име и ги повика пратениците во Собранието да го изменат законот за патни исправи.

„Денеска добив написмено информација дека комитетот за патни исправи на Европската комисија одржал состанок, ми беше најавено од белгискиот амбасадор. Нашите граѓани кои се надвор од Македонија, во Германија, со пасош со старото име без проблем ќе може да отидат во Унгарија и Чешка, ама нема да можат да излезат од Македонија ако дојдат дома. Европскиот комитет дава мислење до земјите да имаат разбирање“, рече Тошковски.

Проблемите со издавањето на пасошите се мултиплицираат. Документите на оние што се сликале уште пред еден месец не ни поминале на одобрување кај надлежните служби во МВР, а камо ли да бидат предадени на печатење.

Телефонската линија за закажување е недостапна, можете да вртите по стотици пати, но е невозможно да се добие операторот. Но на партискиот шеф на Панче Тошковски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, му успеало да закаже термин. При гостувањето во ТВ21 минатата недела Христијан Мицкоски изјави дека имал закажано фотографирање за пасош вчера во вторникот, по итна постапка:

„Периодов планирам да патувам, па веќе закажав термин, следната недела, во вторник, би требало да појдам да се сликам“.

Илјадници луѓе планираат да патуваат, но не можат да закажат термин. Но за партискиот лидер има и термин и пасош на брза лента. Се разбира, со името што му е гнас да го изговори – „Република Северна Македонија“.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи има поинакви маки. Тој и 32 дена откако се сликал со неговото семејство не може да го подигне пасошот. Ниту има претстава дали пасошите се готови. Нема никаква информација. Тој на ТВ 24 јавно изнесе обвинувања дека по завршувањето на работното време во 19,30 часот имало сликање на лица од, како што го нарече „Сваровски список“, за кои одлучувала сегашната структура на на МВР.

Не само тој, туку и други личности велат дека во неделите и во другите денови по работното време имало цела врвулица на луѓе – политичари, бизнисмени, естрадни уметници, партиски активисти – кои на овој или на оној начин добиле можност да не влезат во редот за чекање. Или што би рекол Христијан Мицкоски – „добив термин за сликање“. (Н.В.)