Колку пари има Слави Трифонов?


Лидерот на партијата Има таков народ, Слави Трифонов

Избирачите на Слави Трифонов и медиумите во Бугарија сакаат  да знаат колку пари има тој, откако одби да поднесе лист за имотната состојба, што стана тема број еден во Бугарија. Политичарот, што важи за популист и кој изгради кариера напаѓајќи ги „елитите“,  сега се обидува да сокрие колку  тој лично профитираше од  политичкиот ангажман изминатите години. 

Проблемот е, како што пишува бугарски „Дневник“ , што токму Трифонов, нивниот Слави, ги негуваше овие чувства кај граѓаните: вечен сомнеж, па дури и омразата кон елитите, агресивна завист и желбата конечно да им плеснат во лице како го лажеа и ограбија бугарскиот народ. Но, бидејќи шоуменот и водач на „Има таков народ“ (ИТН) одамна е запишан меѓу елитите во  Бугарија, наеднаш излегува дека истиот тој „бугарски народ“ изгледа треба и нему да му ја  „плесне“ ваква вистина.

„Трифонов не поднесе анкетен лист, но овој пропуст брзо се покажа како негова помала грешка. Со своите спинови, кои првично излегоа од устата на сопартиецот Тошко Јорданов, а потоа продолжија како грди и неубедливи магии на неговиот Фејсбук профил, Трифонов влезе длабоко во сопствената популистичка замка. И на сите им стана јасно дека патетичните заклетви за чесност биле само димна завеса, а Трифонов е запишан не само меѓу елитата, туку и на списокот „сите тие се маскирани“, кој изминатите години стана еден од најбараните производи на  неговото шоу.

Луѓето што ја водат државата мора да бидат финансиски и имотно „транспарентни“ – нема сомнеж. На крајот на краиштата, секое дури и најмало сомневање дека ја злоупотребиле својата функција за да добијат бенефиции треба да ги дисквалификува како политичари. Но, кога станува збор за Бугарија, работите изгледаат малку поинаку. Сериозен дел од граѓаните на оваа земја дозволуваат со години да бидат управувани од корумпирани политички структури – едноставно затоа што за овој дел од граѓаните таков е „ редот на работите“, а секој од нив кога може, дава свој придонес барем за ситна корупција. Со други зборови: да се биде корумпиран не е грев, но да се биде богат е.

Токму тоа чувство беше негувано кај многу луѓе во Бугарија во последните децении – и со активен придонес на Трифонов и неговата емисија. Ова чувство носи горчина за општествената хиерархија, бидејќи за грев го прогласува не толку беззаконието, кражбите и корупцијат колку самиот факт дека си богат и припаѓаш на некоја национална елита.  Можно е Трифонов си ги заработи парите на чесен начин – токму затоа што во тие децении во Бугарија имаше доволно голема публика за неговите популистички пораки. Сепак, испаѓа дека токму вака заработените пари и статус ја лутат оваа публика (покрената токму од него да се лути) – и таа ќе го казни на следните избори. Уште отсега се гледа дека господинот Трифонов и ИТН ќе останат надвор од следниот парламент“, пишува „Дневник“.