Колку ќе плаќаат за струја оние кои до сега добивале сметки од 2.000 денари: Еве што вели Бектеши


Граѓаните кои до сега добивале сметка за струја од 2.000 денари и во кои половината од износот се однесува на цената на електричната енергија, а другата половина на дистрибутивната мрежа, според новиот начин на пресметка и воведувањето на новата ставка за пристап на мрежа, од Нова година ќе плаќаат помалку отколку до сега. Всушност, помали сметки ќе добиваат сите оние кои имаат редовна потрошувачка во рамките на првите два блока, односно до 630 киловати.

Како што објасни денес на прес конференција Министерот за економија Крешник Бектеши, во потрошувачката на електрична енергија се плаќа и мрежарина по киловат

„Затоа одлуката на РКЕ е намалување на цената на дистрибутивната мрежа, а оние што не користат електрична енергија, а имаат пристап до мрежата ќе плаќаат надоместок за одржување на мрежата. Што значи дека товарот во делот на трошоците за дистрибутивна мрежа ќе паѓа на граѓаните кои имаат вили, два стана, повеќе куќи или граѓани кои не живеат секојдневно во нашата држава“, рече Бектеши, одговарајќи на прашање на новинарите.

Тој објасни дека за граѓаните кои секојдневно користат електрична енергија, износот за дистрибутивна мрежа ќе биде помал, што значи оние кои што се во првиот и во вториот блок ќе плаќаат пониски сметки за електрична енергија, а тие се мнозинството граѓани во нашата држава

„Така, ако на пример имате сметка што ја добивате од ЕВН во износ од 2.000 денари и каде што 1.000 денари се плаќа за мрежата а 1.000 денари за електричната енергија, сега со одлука на РКЕ, мрежарината се намалува за 27 отсто што во случајот изнесува 270 денари. Со воведување на новата ставка (пристап на мрежа, заб.) од 200 денари, повторно крајната сметка ќе биде поевтина за 70 денари“, рече Бектеши.
Тој додаде дека ако износот за мрежарината е поголем, на пример 2.000 денари, намалувањето на крајните сметки е уште поголемо.

„Што значи граѓаните во првиот и вториот блок, што трошат до 630 киловати, сите ќе добиваат пониски сметки за струјата, како во делот за електричната енергија, така и за дистрибутивната мрежа“, рече Бектеши.

Тој рече дека нема зголемување на цената на струјата имајќи ја во предвид просечната потрошувачка во државата, какои дека како влада две години работат на намалување на трошоците со цел да влијаат позитивно врз животниот стандард на граѓаните.

„Одлуката на РКЕ за мене како министер за економија е во интерес на граѓаните, а пред се е во интерес на оние кои што имаат подпросечни приходи. Затоа е одлучено така за првиот и за вториот блок кои ако ги земете кумулативно има намалување“рече Бектеши.

Според него, одлуката за давачката за дистрибутивната мрежа е задоцнета од страна на РКЕ затоа што има активни потрошувачи на електрична енергија, но има и пасивни потрошувачи.

„Има иселеници кои имаат по два, три стана, вили и слично, а има и граѓани кои живеат тука во државата и кога одат преку викенд имаат приклучок за електрична енергија, а воедно трошоците за дистрибутивна мрежа ги плаќаат граѓаните кои на дневна база трошат електрична енергија“, рече Бектеши.
Инаку, претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, денеска на прес конфереција соопшти дека цената за електричната енергија за првиот блок се намалува за 5,16 проценти, вториот блок и евтината тарифа остануваат исти, цената на струјата опфатена со третиот блок се зголемува за 2,88 отсто и за четвртиот блок се зголемува за 1,86 проценти. Надоместокот за пристап на мрежа е 200 денари.