Колку ќе чини спасувањето на Мицкоски

ЕРОЛ РИЗАОВ

ВМРО-ДПМНЕ со преуранетата битка за власт го игнорира најголемиот стратегиски интерес и приоритет на државата, справување со економската и здравствената криза и за отпочнување на преговорите со Брисел

 

Врвот на ВМРО-ДПМНЕ одлучи да го спасува претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, на сметка на граѓаните на Македонија. Наместо во вообичаена „процедура“ по внатрепартиски чистки на неистомислениците, да биде реизбран едногласно со аплаузи за постигнатите успеси во три изборни циклуси по ред, намесникот на Никола Груевски ја радикализира и партијата и земјата со протести и нови дози на меѓусебна омраза, конфликти и блокади.

ВМРО-ДПМНЕ, како што најави нејзиниот лидер, ќе ја урива на рати криминалната влада којашто почна со работа пред десетина дена, уште недокомплетирана. Велат, тоа било легитимно и демократско право, иако нема допирни точки ни со демократија, ни со легитимитет. Злоупотребата на правото на протести во првата рата е наводно поради загриженоста за поскапување на цената на електричната енергија и големото осиромашување на граѓаните за 150 денари месечно колку што е поскапувањето по домаќинство за просечна потрошувачка на струја.

Неодамнешниот сопственик на хидроцентрали и универзитетски професор добро знаел колку се сомнителни профитите од продажбата на електрична енергија кои оделе директно на контото на Заеви. Тоа е оправдувањето да не се сетат Власите.

Ќе беше многу почесно да се каже вистината дека ВМРО-ДПМНЕ почнува жестоко со кампањата за локалните избори идната година  како најважна етапа со евентуална победа да бара вонредни парламентарни избори. Тоа се ратите на Мицкоски за уривање на владата и на парламентот. Задоцнетото признавање дека ВМРО-ДПМНЕ ги подржува евроатланските интеграции искажани, онака патем, со неразбирлив јазик и дека протестите немаат врска со блокадите на преговорите со ЕУ кои треба да почнат годинава е бледо покритие. Унапредувањето на високи позиции на партиските радикали кои отворено се спротивставуваат на Преспанскиот договор и на договорот со Бугарија го кажуваат спротивното. Тешко е да се поверува дека дури и во најрадикалниот врв на ВМРО-ДПМНЕ има луѓе што не знаат дека без договорите со Грција и со Бугарија нема членство ни во НАТО, ни во ЕУ. Ниту пак без помош на овие најголеми воени, економски и политички сојузи се можни успешни економски и политички реформи и ефикасно справување со последиците од пандемијата.

Тоа добро се виде по парламентарните избори, кога Христијан Мицкоски вети дека ќе состави коалициска влада која во никој случај не беше можна без да ги прифати склучените договори со соседите. По неуспехот да формира влада со ДУИ и со други опозициски парламентарни партии, го обеледени планот „Б“ на рати кој десет дена по формирањето на владата стапи на сила по засилените критики за изборните порази.

Очигледно во ВМРО-ДПМНЕ никој не се занимава со пресметките колку ќе ја чини државата нивната опасна авантура да не бидат ангажирани во преговорите со ЕУ, туку да организираат протести и безредија. ВМРО-ДПМНЕ со преуранетата битка за власт го игнорира најголемиот стратегиски интерес и приоритет на државата, справување со економската и здравствената криза и за отпочнувањае на преговорите со Брисел, со што ја доведува во прашање и финансиската поддршка од ЕУ и иднината на државата. Ова безумие тешко може да се пресмета колку ќе ги чини сите граѓани доколку навистина нестабилноста на државата ги одложи реформите и преговорите со ЕУ. Тоа попречување на севкупниот развој на Македонија може да се врати како бумеранг во ВМРО-ДПМНЕ баш на локалните избори.

Има уште еден силен мотив за организирање масовни протести за кој не зборува ниту Мицкоски ниту кој било друг партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ. А тоа е штом стануваат изгледни продолженијата на судските процеси против поранешните високи партиски функционери и им се гледа крајот на одлагањата на судските постапки се вклучува алармот  за спасување на обвинетите. Доктрината „држте го лоповот“ за пад на владата не ги даде очекуваните резултати со аферата „Рекет“, затоа што за тие случаи имаше поефикасна судска постапка од предметите на СЈО префрлени во редовното јавно обвинителство.

Сега кога продолжуваат судењата со прочистување на комплетното правосудство со решителност да се инсталираат владеењето на правото и правдата за секој граѓанин подеднакво, секој што ќе ги прекрши законите да одговара, згора на тоа да се испита потеклото на имотот на сите партиски функционери, се активираат очајните потези со протести и дестабилизација на државата. Лош и опасен амбинет во кој најдобро плива ВМРО-ДПМНЕ.

Во јавноста веќе се пласираат новинарски анализи за невиноста на политичари и партиски функционери пред да пресуди судот. Нивните одбрани и изјави се претставени како крунски докази дека против нив се води хајка со политички мотиви. Се разбира, тужителите треба пред судот да ја докажат вината, а не медиумите да ја докажуваат невиноста со толкувањата на законите од страна на обвинетите.

Како и да е, колку и да е неконструктивна опозицијата, одговорноста паѓа на Владата, на парламентот на претседателот на државата и на сите инстутуции на системот да ги реализираат највисоките државни интереси во рамките на нивните уставни овластувања, за што им е даден мандатот да управуваат со државата. Тоа ќе беше многу полесно ако имаше консензус за остварување на државните интереси. Но и справувањето со блокадите и со попречувањата е составен дел на нивните  преземени обврски од функциите што им се доверени од мнозинството граѓани. Ги имаат во раце сите механизми за непречено функционирање на државата. Со деблокирање на пречките за членството во НАТО тоа даде резултати. Сега се на ред преговорите со ЕУ, реформите и санирање на економската криза.

За заедничко дејствување и заеднички успех дадена е понудата и шансата за учество на опозицијата. Таа тоа го одби. Повеќе претпочита протести и уривање на владата со блокади.

Ќе победи праведната страна на историјата. Но цената за тоа ќе биде превисока како и секогаш кога Македонија треба да направи историски исчекор. Така е тоа, а можеше да биде многу подобро и побрзо, без тензии и омраза.