Колку ќе бидат повисоки сметките за струја за јули – помалото ДДВ уште не е на дневен ред во Собранието


Во пресметките за струја, пониската стапка на ДДВ за електричната енергија ќе почне да се применува кога ќе бидат донесени законските измени, изјави денес министерот за финансии Фатмир Бесими. Тој ова го изјави како одговор на новинарско прашање дали сметките за јули ќе бидат повисоки за 12,4 отсто со оглед што одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за цената на струјата е со важност од 1 јули, а предлогот на Владата за намалување на ДДВ за струјата од 18 на 5 отсто, што требаше тоа да го амортизира се уште во собраниска порцедура и не се знае кога ќе биде донесен.

Тоа практично значи дека доколку пратениците не се произнесат за овој предлог и натаму ќе се применува постојната стапка од 18 отсто, што ќе повлече јулските сметки за електрична енергија да бидат повисоки за 12,4 отсто. 

Владата предложи намалување на ДДВ за струјата на 5 отсто од 1 јули, а од идната би се зголемил на 10 отсто со важност во наредните 12 месеци со цел да го амортизира ударот на поскапување на струјата за домаќинствата. Засега, нема најава кога ова законско решение ќе биде усвоено, а со оглед дека сме веќе на средината на месецот, загриженоста кај граѓаните е дека сметките за јули сепак ќе бидат повисоки. 

„Во новите сметки што ќе стигнат дел ќе биде опфатен периодот пред одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и веројатно една недела во која е опфатена и оваа одлука на РЕК. Тоа е техника која што се спроведува во пракса. Но, се додека законот не е поминат во Собранието тие семтки ќе стигнат со постојното ДДВ. Штом законот помине во Собрание тогаш од денот на негово донесување ќе се пресметува 5 отсто ДДВ за електричната енергија“, рече Бесими.

На прашањето дали може да се интервенира и ова законско решенио да важи од 1 јули, Бесими рече дека тоа е прашање кое ќе се гледа од правен аспект дали е можно да се спроведе.

„Доколку има таква опција тогаш со амандман пратениците ќе може да направат таква интервенција“, рече тој, додавајќи дека целта на Владата била да им се олесни на граѓаните.

На забелечката дека на следните две собраниски седници предлогот за помало ДДВ не е ставен на дневен ред, а потоа следува одмор на пратениците, што значи дека целата постапка може да се одолжи, Бесими рече дека според неговите сознанија сепак, не е  прашање на месеци, туку на денови илли недели, односно дека ова прашање ќе се заокружи овој месец.

Како што е познато, на крајот на минатиот месец Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која беше одобрен регулиран максимален приход и цени на пресметковните елементи за вршење на енергетската дејност снабдување со електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач ЕВН ХОМЕ ДОО Скопје.

„Од побараните 50 денари на 1.000 денари сметка за електрична енергија од страна на сите енергетски компании што ги регулираме, одобрени се 6 денари. На останатите елементи во крајната цена РКЕ нема влијание“, образложија од РКЕ.

„Зголемувањето на цената на електричната енергија без ДДВ од 18 на 5 отсто ќе биде 12,36 отсто, а со компензацијата од ДДВ остана простор за да има незначително намалување на крајните сметки на граѓаните“, изјави тогаш првиот човек на РКЕ Марко Бислимоски.

Според предлогот на Владата од 1 јули 2021 до 1 јули 2022 година ДДВ за струјата требаше да се намали од 18 на 5 отсто, наредната година ДДВ ќе да изнесува десет отсто, за потоа повторно да се врати на 18 отсто, а целта, како што беше образложено, е да им се помогне на домаќинствата во транзитниот период на либерализација на пазарот на електрична енергија.

Во комисиската расправа во Собранието, имаше и амандман поднесен од ВМРО-ДПМНЕ со кој се бараше стапката на ДДВ за електрична енергија од пет проценти да важи не само за домаќинствата, туку и за компаниите и за индустријата, но тоа беше одбиено со образложение дека намалувањето на ДДВ-то се однесува на домаќинствата на регулираниот пазар и оти ваквата интервенција на Владата, која се прави за првпат, е во интерес на граѓаните. Исто така опозицијата поднесе и амандман со кој се предлага стапката од пет проценти да продолжи да важи и во ситуација ако цената на струјата остане иста или продолжи да расте и во иднина.