Колку е подготвена Македонија за е-трговија – што покажува извештајот на УНКТАД
Извештајот за подготвеноста на земјите да се вклучат во трговијата преку Интернет на одделот на Обединетите нации задолжен за трговија и развој УНКТАД за 2020 година, покажа дека Северна Македонија е на 52. место меѓу 152 земји опфатени земји во светот.
Од земјите во регионот, за електронска трговија најдобро е подготвена Хрватска која е на одличното 25-то место. Следат Словенија на 34. место, Србија на 43. и Северна Македонија на 52. Зад нашата земја се Босна и Херцеговина на 70. место, Црна Гора е на 78. место, а најлошо е рангирана Албанија на 86. место.
Иако на прв поглед ова рангирање не изгледа лошо, сепак, подеталната анализа открива дека во Европа нема многу земји кои што се зад Македонија на листата. Освен неколкуте земји од опкружувањето, зад нас на ова рангирање од европските земји се уште Молдавија на 54. место и Турција на 57. Исто така, во овој извештај, Северна Македонија има помалку 1,9 индексни поени во однос на претходното рангирање за 2019 година кога беше на 50 место. Најдобро сме рангирани според пристапот до интернет (81 отсто), а најлошо според сигурноста на интернет серверите (54 поени). Според извештајот, во 2017 година 77 отсто од граѓаните кај нас над 15 годишна возраст имале сметки, а според поштенската сигурност оцената е 73.
Европа останува далеку најподготвениот регион за е-трговија, според Индексот на електронска трговија на УНКТАД од бизнис до потрошувач (B2C) и во 2020 година, но како што се укажува, треба да се реши големиот јаз што постои со земјите со најниско ниво на подготвеност преку решавање на слабостите со цел и во тие земји што повеќе луѓе да почувствуваат придобивките од дигиталната трансформација.
Инаку, минатата година дојде до промена на врвот на листата – Швајцарија ја замени Холандија и прв пат се најде на оваа позиција.
Во 2019 година, 97 отсто од швајцарското население користело Интернет. Единствените неевропски економии меѓу првите 10 се Сингапур, рангиран на четвртото место, и Хонг Конг (Кина) на 10-то место.
Индексот рангира 152 земји во однос на подготвеноста за купување преку Интернет, чија вредност се проценува на 4,4 билиони американски долари во 2018 година, што е за 7 отсто повеќе од претходната година.
Земјите се оценуваат според пристапот до безбедни сервери на Интернет, веродостојноста на поштенските услуги и инфраструктурата и дел од нивната популација што користи Интернет и има сметка кај финансиска институција или давател на услуги за мобилни пари.
Топ 10 земји во извештајот се:
1. Швајцарија
2. Холандија
3. Данска
4. Сингапур
5. Велика Британија
6.Германија
7. Финска
8. Ирска
9. Норвешка
10. Хонг Конг.
Двата најголеми пазари за електронска трговија B2C во светот, Кина и САД, се рангирани на 55-то и 12-то место според индексот. Иако двете земји водат во неколку апсолутни мерки, тие заостануваат во релативните споредби.
На пример, пенетрацијата на Интернет во САД е помала отколку во која било од економиите во првите 10, додека Кина е на 87-то место во светот според овој индикатор. Што се однесува до пенетрацијата преку купување преку Интернет, САД се наоѓаат на 12-то место, додека Кина го зазема 33-то место.
„Поделбата кај електронската трговија останува огромна“, вели Шамика Н. Сириман, директор на одделот на УНКТАД што го подготвува годишниот индекс. „Дури и кај земјите од Г20, степенот до кој луѓето купуваат преку Интернет се движи од 3 отсто во Индија до 87 отсто во Велика Британија“.
Исто така, во Канада, САД и кај 10-те европски нации, повеќе од 70 отсто од возрасната популација купува преку Интернет. Но, тој процент е далеку под 10 отсто во повеќето земји со ниски и пониски средни примања.
Четирите најголеми зголемувања на резултатите од индексот се забележани во земјите во развој – Алжир, Бразил, Гана и Народна Демократска Република Лао, чиишто оценки се зголемија за најмалку пет поени, најмногу заради значителното подобрување на поштенската сигурност.
„Пандемијата со КОВИД-19 ја наметна потребата поитно да се осигури дека земјите што заостануваат можат да ја достигнат и зајакнат својата подготвеност за е-трговија“, истакнува Сириман. Индексот, вели таа, ја нагласува потребата владите да сторат повеќе за да обезбедат повеќе луѓе да ги искористат можностите за е-трговија.
„Во спротивно, нивните бизниси и луѓето ќе ги пропуштат можностите што ги нуди дигиталната економија и тие ќе бидат помалку подготвени да се справат со разни предизвици“, додаде таа. (М.Ј.)