Колкаво е разочарувањето на Мицкоски од Касами? Бараше почит, а не го добил
Дали после локалните избори владата може да се преформатира. А и самата коалиција „Вреди“. Дали Изет Меџити се согласува со Касами за Кичево?
Премиерот Христијан Мицкоски вчера на два пати со горчливи и предупредувачки зборови се осврна на изјавата на тетовскиот градоначалник (кој бара уште еден мандат) и лидер на Беса, Билал Касами, во која тој рече дека ќе го поддржат кандидатот на ДУИ во вториот круг во Кичево. Иако не го спомена по име Касами, Мицкоски рече дека „тоа нема да го заборавиме“.
Мицкоски на наколку пати во кампањата зборуваше дека коалицијата во владата е како некаков вид семејство и дека треба едни со други да си помагаат. Но Касами мисли дека мобилизирањето пред вториот круг треба да биде национално, а не коалициско. Во дебата на албанската телевизија Сири тој го претстави прегрупирањето пред вториот круг на локалните избори и рече дека ВЛЕН во вториот круг во Кичево ќе го поддржи кандидатот на ДУИ, Фатмир Дехари, а не вмровскиот предлог Александар Јовановски, кој победи со 5.000 гласови разлика.
Мицкоски синоќа на собирот во општина Аеродром (а претходно и во обраќањето по повод празникот 23 Октомври) не го криеше разочарувањето од ваквите планови на Касами (а можеби и на целата коалиција „Вреди“) и спомена дека членовите на ВМРО-ДПМНЕ „крвареле“ и „поднесовме жртва“ за да ги поддржат Изет Меџити или Билал Касами.
„Понекогаш кога ги реализираме стратешките цели крваревме како ВМРО-ДПМНЕ. И поднесовме жртва. Не беше лесно. Многу ми беше тешко кога ги гледав нашите сопартијци од Тетово, Гостивар, Струга, Чаир и Дебар. И за тоа плативме цена. За тоа има жртва“, рече Мицкоски.
На митинзите во Гостивар и Чаир тој директно ги повика членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за Сабаедин Даути и Изет Меџити (кандидати на „Вреди“), но во Тетово не спомена таква работа за Касами.
Билал Касами во истата дебата на телевизијата Сири рече дека очекува албанските гласови да се здружат во вториот круг на изборите во Брваница (општина крај Тетово), каде досегашниот градоначалник, Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ, е во предност пред кандидатот на ВЛЕН, Хаќим Рамадани. Тој веќе ги искина плакатите на кои покрај неговото име стоеше ознаката на ВЛЕН и повика на здружување на сите Албанци во општината.
Касами исто очекува поддршка од сите Албанци и од структурите и поддржувачите на ДУИ во општина Долнени, каде во вториот круг ќе се борат нивниот претставник и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.
Касами победи во првиот круг од изборите за градоначалник во Тетово со разлика од 3.800 гласови пред кандидатот на коалицијата околу ДУИ, Бајрам Реџепи. ВМРО-ДПМНЕ на советничките листи освои 4.200 гласа и јасно е дека најмногу од партиските членови и симпатизери го поддржале барањето на партискиот врв и лидерот Мицкоски да гласаат за Касами. Слично беше и во Чаир. Гласовите на вмровците беа пресудни Изет Меџити да победи уште во првиот круг. Меџити сега се оддолжува за тие гласови со тоа што дава јавна поддршка за Орце Ѓорѓиевски во Скопје, за Миодраг Лабудовиќ во Центар и за Максим Димитриевски во Куманово. Но таму нема албански кандидати во вториот круг, па лесно е да се даде поддршката, а да не се влесе во етнички процеп.
Мицкоски сега се чувствува изневерен. Исто онака како што се чувствуваше изневерен Зоран Заев кога направи предизборна коалиција со Беса и Билал Касами за парламентарните избори во 2020, а потоа истиот тој Касами работеше на соборување на неговата влада во 2021.
„За поддршка не барем ништо. Затоа што имаме план. Имаме цел. Барам само почит за жртвата, којашто сме ја дале за други. И не го добивме. И тоа не го забораваме“.
Во политиката многу работи се забораваат. И оние кога Антонио Милошоски од собраниската говорница грмеше обвинувајќи го Изет Меџити дека како градоначалник на Чаир присвоил стотици и стотици илјади евра при изградбата на плоштадот „Скендербег“. Тогаш Меџити беше член на ДУИ. Тогаш требаше да се масакрира, а сега како лидер на ВЛЕН треба да ја добие целата поддршка.
Каков ќе биде развојот на ситуацијата во владината коалиција по вториот круг ќе видиме. Ако навистина сите албански гласови се здружат против Александар Јовановски во Кичево, или ако вмровските гласови наеднаш исчезнат од поддршката за Касами нема да биде изненадувачки ако владата се преформатира. А и самата коалиција „Вреди“. (Н.В.)