Колкави се платите на возачите на камиони во Германија


Возачите на камиони во Германија заработуваат под просекот, што дополнително може да предизвика недостиг на шпедитери, објави во вторникот германскиот завод за статистика.

Според последните податоци, квалификуваните возачи на камиони со полно работно време и кои се во редовен работен однос (за постојано) заработуваат во просек по 14,21 евра бруто на час.

Возачите без завршено стручно училиште заработуваат 12,91 евра на час.

Ова е значително пониско во споредба со остатокот од пазарот на трудот во Германија, каде квалификуваните стручни работници заработуваат во просек 19,97 евра на час.

Просечната бруто плата на обучен возач на камион изнесува 2.623 евра, додека во останатиот дел од економијата за квалификувани работници платата е 3.286 (бруто).

Професионалното здружение на возачи на камиони БГЛ предупредува дека во Германија во следните две години може да дојде до сличен колапс во шпедицијата како што беше случај со Велика Британија.

„Веќе денес, на Германија и недостасуваат 60 до 80 илјади професионални возачи. Околу 30.000 возачи одат во пензија секоја година, а доаѓаат само 15.000 од оние што влегуваат во оваа професија“, стои во соопштението на БГЛ.