Колинда во Јасеновац ден пред државната комеморација


Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, денес, како и претходните години во пресрет на државната комеморација, го посети Спомен подрачјето Јасеновац. Таа положи букет бели ружи на споменикот.

„Полагајќи венец во спомен на жртвите од логорот Јасеновац и стоејќи во тишина покрај овој камен цвет, го изразувам најдлабокиот пиетет за сите жртви кои беа убиени во логорот. Нека ова биде секогаш место за пиетети, но и место кое ќе нѐ потсетува колку е важно младите генерации да растат во мир, заедништво и солидарност меѓу луѓето и нациите “, наведе Грабар-Китаровиќ во меморијалната книга во Јасеновац. Таа додаде дека Втората светска војна во Хрватска и денеска буди болни сеќавања на бројни страдања.

„Не можеме да го смениме минатото, но можеме да ја градиме иднината на подобар начин, за подобар и хуман живот на сите луѓе во Хрватска и во целиот свет”, пишува хрватската претседателка, како што објави Хина.

Претставниците на малцинствата што живеат во Хрватска и антифашистичките здруженија четврта година по ред комеморацијата ја држат одвоено од државата поради незадоволството од, како што велат, ревизионистичката политика, минимизирање на жртвите во усташкиот логор и глорификација на НДХ и Анте Павелиќ. Тие порачаа дека додека повикот „за дом спремни“ не се тргне од употреба нема да учествуваат на комеморацијата.