Колемишевски, Наумовска и Мехмедовиќ нови заменици-министри во Владата

Кирил Колемишевски, Елизабета Наумовска и Неџад Мехмедовиќ се нови заменици-министри во Владата, откако пратениците ги изгласаа нивните кандидатури попладнево на 110-тата собраниска седница што започна вчера.

Во ресорот економија за заменик-министер е избран Колемишевски со 62 пратенички гласа „за“, 13 „против“ и без воздржани. Наумовска ќе биде заменик во Министерството за образование и наука и изгласана е со 63 гласа „за“, 15 „против“ и без воздржани, а Мехмедовиќ, кој ќе биде заменик-министер во новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, доби 61 глас „за“, 13 „против“ и за него немаше воздржан.

Во расправата попладнево опозициските пратеници немаа забелешки за биографиите на предложените кандидати за заменици, но сметаат дека го немаат потребното искуство за ресорите во кои ќе бидат одговорни. Не ги критикуваа персоналните решенија, но беа остри во критиките за секторите во кои се назначуваат – образование и економија.

За образованието од опозициската ВМРО-ДПМНЕ како аргумент го имаа отвореното писмо-оставка на претходниот заменик Петар Атанасов кој при повлекување од функцијата во јуни наведе дека не се остваруваат планираните реформи во секторот. Во реплика премиерот Зоран Заев, како и пред три месеци, повтори дека Атанасов дал оставка зашто не му била исполнета желбата да биде назначен за министер.

На обвинувањата за ниските плати на наставниците и најавата на СОНК за штрајк, Заев одговори дека со зголемувањето од пет отсто лани и нови пет отсто од овој септември, платите им се зголемени повеќе отколку во претходните 11 години во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Рече дека стои на располагање за разговори со синдикатот и дека го почитува правото на штрајк, но апелира наставниците да не ги разочаруваат учениците на првиот училишен ден.

„Во 2017 година затекнавме 20.500 денари плата. Потоа таа стигна 21.600  со покачување и сега со ова зголемување ќе биде 22.800 денари. Продолжуваме и натаму да изнаоѓаме ресурси за зголемување на платите. Сè што можеме ќе направиме. Можевме наместо да плаќаме огромни долгови што ги наследивме, да делиме повисоки плати“, рече Заев.

Премиерот кажа дека се зголемуваат и платите во јавната администрација, се спроведуваат политики во корист на земјоделците, стопанството, социјалната заштита. На опозицијата и одговори дека драматичното во државата за кое таа го обвинува е тоа што, како што рече, по 11 години веќе две години ВМРО-ДПМНЕ не е на власт.

„Сега се вработени 2.100 луѓе со самовработување, минатата година 1.200, 250 домашни компании се помагаат секоја година, 70 до 80 милиони евра се трошат од буџетот за поддршка на домашните и на странски инвестиции. За речиси 300 отсто е зголемена социјалната помош, зголемени се приходите за специјалистите во здравството, растат платите за десет отсто во просек, 30 милиони евра индивидуалните земјоделски производители добиваат повеќе. Наоѓаме решенија и за лозарите, не само за годишните проблеми, туку и за она што заостанало во 2014 година, во 2015 година и во 2016 година. Сето тоа е исплатено. Исплатени им се субвенциите, и побарувачката од стечаи, и долговите од фирмите им се исплатени, а овие денови ќе го добијат и денарот што им го ветивме како наша супституција“, рече Заев.

Пратеникот Зекир Рамчиловиќ го поздрави предлогот во новото Министерство за политички систем за заменик да биде Бошњак како припадник на малобројната етничка заедница но, пред се, рече компетентен за местото за кое се предлага.

Премиерот Заев одговори дека тоа е доказ дека се обидуваат да го градат концептот едно општестево за сите за кое се залага Владата.

„За мене тоа е императив, за кој често сум бил подготвен да губам и политички поени. Рамковниот договор ги заврши своите правно-формални аспекти, но не го заврши духот на рамномерната застапеност и сите да бидат вградени, како што личи во оваа наша мултиетничка земја“, додаде Заев.

Седницата заврши со изгласување на вицегувернер на Народната банка на Република Северна Македонија, позиција на која во наредниот период ќе биде Фадил Бајрами.

На 110-тата седница претходно денеска беа избрани и двајца нови министри – Нина Ангеловска за финансии и Хисен Џамаили за министер без ресор задолжен за подобрување на инвестициската клима.