Колекцијата “Hiyoku” на Мршиќ наградена со BIG SEE Fashion Award 2019


“Hiyoku” колекцијата на македонската модна дизајнерка Росица Мршиќ избрана од BIG SEE за победник во категоријата “Wearable Art” за 2019 година. Наградата е доделена врз основа на оценка за исклучително атрактивна конструкција, концептуална облека, одлично елаборирани бои, модели и принтови. BIG SEE ги истражува и наградува квалитетните дизајни и производи кои ги претставуваат најдобрите креативни сили на своите земји. Победниците од 18 земји на Централна и Источна Европа беа презентирани во националните павиљони во рамки на месецот на дизајн во Љубљана што се одржа на 8 октомври 2019 година.

Фото: Б. Грданоски

Мршиќ изгради дизајнерски бренд карактеристичен по својот уметнички израз вткаен во парчињата облека кои се препознатливи и со космополитска нишка. Таа креира парчиња кои зборуваат со јазикот на естетиката – форма, боја, пропорција и текстура и црпејќи инспирација од уметнички движења од различни периоди им се обраќа на љубителите на мода кои имаат истенчен вкус и љубопитна перцепција.

Фото: Б. Грданоски

Нејзината работа е признаена и прифатена од клиенти од многу земји во светот, со понудата во концептуални бутици и на многубројни интернационални платформи. Таа е добитник и на неколку меѓународни модни награди: континентален победник  за Русија & Европа 2013, еден од петте светски финалисти на натпреварот International Bulgarian Fashion Award EIRENE 2013, „Фустан на 21 век” на „Мода естетикс“ од Амстердам, Холандија.