Колеги на Вангеловски ќе одлучат за неговата жалба

Гласовите на петмина врховни судии, односно некои од судиите чиј претпоставен до завчера беше разрешениот претседател на највисокиот суд, Јово Вангеловски, се мнозинство во Советот за одлучување по жалбите на Судскиот совет кој ќе треба да одлучува дали ќе ја прифати жалбата што ќе ја поднесе судијата по одлуката за разрешување.

Според процедурата, Вангеловски има право да поднесе жалба во рок од осум дена од приемот на решението до Советот од судии во кој членуваат девет судии. Тројца судии ќе бидат избрани од Врховниот суд, а по еден судија со ждрепка ќе биде избран од четирите апелациски подрачја во земјава, (Скопје, Битола, Штип и Гостивар) во кои припаѓаат по неколку основни суда од градовите. Бројката на врховни судии се зголемува со тоа што, уште двајца судии се избираат од судот каде што работел разрешениот судија, односно од Врховниот суд. Со тоа, за жалбата на Вангеловски ќе одлучуваат петмина врховни судии и четворица судии кои ќе бидат избрани по пат на ждрепка.

Советот за одлучување по жалба може да го потврди или укине решението на Советот за разрешување на судијата. По две години од поднесувањето на барањето за утврдување на одговорност, завчера Советот на јавни обвинители со седум гласа „за“ го разреши Вангеловски за нестручно и несовесно работење.

Барањето беше поднесено поради одликата на Кривичниот совет составен од пет судии да го пушти од притвор бизнисменот Сеад Кочан кој тогаш беше во бегство. По одлуката на Врховниот суд, Кочан се врати во Македонија, а сега веќе е на отслужување на затворската казна за предметот „Труст“. Предлогот за утврдување на одговорноста на Вангеловски беше поднесен за време на мандатот на претходниот претседател на Советот, Зоран Караџовски, но тој оваа точка не ја стави на дневен ред.

Ова беше втор мандат на Вангеловски на чело на Врховниот суд, а неговото име постојано се поврзуваше со претходната власт поради неговите кумски врски со поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски. Но и по промената на власта, тој го доби претседателското место во највисокиот суд. Една од најконтроверзните одлуки која ја донесоа врховните судии со убедливо мнозинство за време на неговиот втор мандат беше начелното правно мислење со кое го прогласи СЈО за ненадлежно да покренува истраги и да отвора предмети по спорниот рок. Со ова правно мислење почна правното тонење на СЈО, а најголема корист од ова извлекоа осомничените во случајот „Империја“, кои Врховниот суд ги пушти на слобода.

Вангеловски дојде на судското место од адвокатските кругови, а според неговиот анкетен лист тој е еден од најбогатите судии во земјата.(Ф.Ф.С.)