Колапс на германскиот извоз во Велика Британија


Германскиот извоз во Велика Британија, поради Брегзит, падна за речиси 30 отсто во јануари во споредба со декември минатата година.

Според Сојузниот завод за статистика, извозот во Велика Британија во 2020 година,  како резултат на коронавирусот, паднал за 15,5 отсто, на 66,9 милијарди евра. Ова е најголемиот колапс од финансиската и економската криза во 2009 година, пишува Дојче веле.

Од 2016 година, кога се одржа референдумот за напуштање на ЕУ, обемот на извозот од Германија во Велика Британија постојано се намалува, велат експертите. Во 2015 година, Германија извезла стока во вредност од 89 милијарди евра во Велика Британија.

Според Сојузната заедничка трговско-индустриска комора на Германија, по Брегзит и сегашниот привремен договор за трговија и соработка, само дополнителните царински формалности ќе ги чинат германските компании речиси 400 милиони евра годишно.