Кол Палмер од Сити во Челзи за 40 милиони фунти


 Талентираниот 21-годишен англиски крилен напаѓач Кол Палмер ги напушти редови на европскиот првак Манчестер сити и потпиша седумгодишен договор со Челзи, објави денеска лондонскиот клуб.

Финансиските детали од договор не се обелоденети, но англиските медиуми јавија дека е договорена отштета за Пламер од 40 милиони фунти, како и евентуални дополнителни 2.5 милиони фунти во бонуси.

„Дојдов во Челзи бидејќи ми се допаѓа овој проект и затоа што се надевам дека ќе добијам шанса да го покажам својот талент. Ова е млада и гладна екипа и се надевам дека ќе можеме да постигнеме нешто посебно“, порача Палмер преку клупскиот сајт.

Челзи со ангажирањето на Палмер ова лето ја надмина границата од 500 милиони фунти потрошени за засилувања на тимот.