Која е „вистинската Македонка“ Латинопулу – сојузничката на Орбан и следбеничка на Трамп?

Афродити Латинопулу, грчката политичарка чие име преку ноќ стана топ тема во нашата држава, го сврте фокусот од Софија повторно на Атина, односно од блокадата на Бугарија кон Преспанскиот договор на Македонија.
Откако во Европскиот парламент како на митинг страстно порача дека „има само една Македонија и дека таа е грчка“, како и дека таа е „вистинска Македонка, а не фејк“ како ние тука, експлодира интересот за неа на социјалните мрежи. Разбирливо за нација во која и премиерот политички се „храни“ и брани со историски неправди и чии граѓани се зависни од губитнички настани и бараат вечно други за виновници.
Но, која е Латинопулу, до вчера непозната за јавноста кај нас? Заслужува ли ваков интерес и колку „тежи“ политички во Грција? Колкумина стојат зад нејзината политика и кој и чува грб на политичката сцена во Европа? Она што е најкуриозитетно околу неа е дека е буквално исфрлена од две политички партии во кои имала високи позиции, дека се промовирала преку Нова демократија, а завршила со крајната десница, дека има 34 години, а е екстремно конзервативна и – што е најважно, во некои други околности можеби би била сојузничка на ВМРО-ДПМНЕ , а многу Македонци нејзините ставови, надвор од тие за Македонија, би ги поздравиле со аплауз. Дека таа и Мицкоски имаат ист сојузник, Виктор Орбан, но додека орбанистите го спречија ставањето на зборот „модерен“ до македонскиот јазик и идентитет, што таа ги спори.И дека и двајцата се борат за место во периметарот на Доналд Трамп и неговата администрација.
Според достапните биографии, пак, Латинопулу е основач и лидерка на крајно десничарската политичка партија „Глас на разумот“. Таа била избрана за пратеничка во Европскиот парламент на изборите во 2024 година. Родена е во Солун во 1991 година, но нејзините мајчини корени се од Еврос, регион каде што добила највисок процент на гласови на европските избори, а кој е на самата граница меѓу Турција и Бугарија. Од мала возраст се занимавала со тенис, спорт во кој освоила 15 грчки првенства и 4 европски првенства, но ја завршила спортската кариера поради повреда во 2013 година. По професија е правник и извесно време работела како адвокат.
Во политиката влегла преку Нова Демократија и била нивен кандидат за пратеник од Солун. Во летото 2022 година, откако дала коментари за грчка ТВ водителка, Нова демократија ja избришала од листата за функции, по што таа се приклучила на „Патриотската сила за промени“, партија на Константинос Богданос како потпретседателка. Но, и таму влегла во судир, по што била остранета и формирала своја партија. Бившиот сопартиец, пак, ја обвинил дека го направила тоа со 200 фалсификувани потписи, т.е. со непостоечки приврзаници, а поради судирот околу името на партијата, не и било дозволено да учествува на избори. Поради тоа, таа ја преименуваше во „Глас на разумот“ и се приклучи на групата на Патриотите во ЕП.
Практично, Латинопулу игра во истиот тим како и ВМРО-ДПМНЕ, односно и таа е сојузник на унгарската владеечка партија ФИДЕС и на Виктор Орбан, а во стилот и во политиката го следи Доналд Трамп, застапува конзервативна политика и се залага за традиционалните семејства. Парадоксот е дека Патриотите (унгарските европарламентарци) ги го спречија гласањето за амандманот со кој требаше да се вметне описот „модерен“ до „македонскиот јазик и идентитет“ во извештајот, а таа како на митинг порача во ЕП дека „Македонија е една, дека е грчка“, дека таа е “вистинска Македонка, а не фејк“, а дека јазикот ни е „бугарски дијалект“.
Идеологијата на Латинопулу е опишана како ултранационалистичка, антикомунистичка и крајно десничарска, а нејзината партија јава на бранот на вакви трендови во Европа, иако во Грција има силна конкуренција, бидејќи традиционално во оваа соседна земја виреат екстремни партии. Од нив е најекстремна се уште „Златната зора“, чии членови завршија и во затвор.
Латинопулу застапува хомофобични и антиимигрантски ставови, постојано повикува на затворање на границите и ја осудува хомосексуалноста како „неприродна“. Лани таа беше вброена во 23-те „најчудни европратеници“ во Европскиот парламент од страна на Политико. Еден грчки политичар ја нарече „имитатирка на Трамп“ која „без употреба на аргументи во области како што се економијата, надворешната политика или внатрешната политика им се заканува на мигрантите со смртна казна, се потпира на теории на заговор за намалување на населението и промовира анти-зелена агенда“, практично настапува со популистички агенди што во последно време се користат за добивање гласови. Не е мажена иако се бори за традиционалните семејства.