Која е македонската „Герника“ која Пендаровски сака да ја заштити и да ја спаси од заборав
Монументалната „Фреска за НОБ“ од 225 квадратни метри на Борко Лазески што го красеше холот на Старата скопска железничка станица и беше уништена во земјотресот во 1963 година, ќе се возобновува на иницијатива на претседателот Стево Пендаровски.
Муралот во Старата железничка беше своевидна македонска „Герника“, вели директорката на НГМ, Дита Старова- Ќерими, и знак за препознавање на авторот, негов амблем-икона или фреска-икона.
Голем дел од делата на Лазески се или сосема руинирани или се сосема исчезнати.
Нема уметник во Македонија со толку фатален исход во однос на запазување на ликовниот опус како од оној на Борко Лазески, во кој спаѓаат „1903“ или „На Мечкин Камен“, фреска од 1950 во некогашниот Дом на ЈНА, уништена во земјотресот исто како и мозаик на истото место, како и „Играорци“, зграфито во старата железничка станица каде пропаднал и поголемиот дел од фреската за НОБ.
„Едната половина од фреската во Железничката станица беше уништена од природна стихија, а другата од човечки фактор. Другата половина го преживеа земјотресот, но ја срушија луѓето, понесени од таа енергија на разрушување на сè она што почнало да се руши од природата. Многу работи од незнање, од непочитување ги девастираме. Голема штета е што тоа пропадна. Половина фреска можеше да се зачува, тоа е богатство. Покрај тоа што други слики и фрески исчезнувале, од разно разни причини во последниов период на самостојна Македонија, пред шест години се случи голема катастрофа кога изгореа фреските во Поштата во центарот на Скопје. Во таа ситуација не видовме некој да одговара, никој не ни покренува инцијатива тоа да се обнови. Ќе го цитирам авторот од една прилика, дека најголема желба му е да му се обнови фреската во Старата железничка станица, затоа што смета дека е тоа негово врвно дело. Точно е тоа дека е негово врвно дело, затоа што на толку млади години, ја почнал во 1952, а ја завршил 1956, на неполни 40 години. Концептот за самата фреска се раѓал низ целиот негов живот, од детството поминато во едно револуционерно друштво во Прилеп, со професорот Велебит Рендиќ кој што ја анимирал целата младина во Прилеп, па сè до тие скици на охридските рибари, па циклусот за Мариово. Сите тие елементи, заедно со неговите студии во Париз, кај Андре Лот и кај Момежан, кај кои студирал техники на витражи, придонесуваат, односно ја раѓаат фреската во Старата железничка станица“, изјави пред пет години за СДК.мк, историчарката на уметност Соња Абаџиева Абаџиева.
Уште тогаш, Абаџиева, како член на Советот во Министерството за култура, истакна дека е „крајно време да спасиме нешто од тоа наследство од Борко Лазески, затоа што тој е една од најсветлите точки, една ликовна фигура која што во себе го содржи целиот постмодернизам“.