Која е контроверзната еврејска група која сега е во Куманово

Евреите што дојдоа во Куманово се припадници на заедницата Лев Тахор. Таа постоеше во Канада сѐ додека не беа протерани оттаму поради одгледувањето и воспитувањето на децата


Припадници на еврејската група Лев Тахор

 

Кумановци биле загрижени што една група крајно ортодоксни Евреи се шетала низ градот неконвенционално облечени. Нивните црни облеки и заедничките прошетки ги вознемирувала граѓаните.

Тие се припадници на заеницата на Лев Тахор, кои дојдоа во Куманово откако беа протерани од Босна и Херцеговина, каде им истече дозволата за 90-дневен безвизен престој.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, вели дека „тоа е секта која потекнува од Израел“. Но тоа не е така. Оваа група која беше во Илиџа кај Сараево и сега е во Куманово има 37 члена и сите имаат државјанство на САД или Канада. Потекнува од Канада. Инаку, целата заедница сега има 250 членови и нивното име дословно значи „чисто срце“ – од библискиот дел: „Создади во мене чисто срце, Боже, и обнови го постојаниот дух во мене“ (Псалми51.10).

Имаат строги правила во врска со храната, а нивните молитви се погласни и подолги од оние кај другите еврејски групи.

Кога беа во Сараево со нив разговараше екипа на телевизијата Н1. Една од жените, Естер, им раскажа на новинарите дека била дел од групата Лев Тахор уште од раѓање. Тоа е нејзиниот живот, за друг не ни сака да знае. Живееле среќно во Канада, си ја гледале својата работа, произведувале храна, сѐ додека социјалните служби не дошле кај нив. Причината била – децата. И начинот на кој ги одгледуваат и воспитуваат. Естер вели дека нема да дозволат нивните деца да бидат учени според еволутивната терорија на развојот: „Да учат дека човекот настанал од животните, од мајмунот, јас нема да допуштам моите деца да учат такви работи“.

Откако беа протерани од Канада почна нивното талкање низ многу европски земји.

Друг член е жената Чаех, родена Белгијка која на Лев Тахор се придружила на 24 години. Сопругот ѝ е во Америка каде го чека судењето за грабнување на дете. Чаех вели дека се работело за семејно недоразбирање.

Водачот на групата Лев Тахор, Шолмо Хелбранс, е роден во 1962 година, а тој и неговите следбеници постојано беа обвинети за злоупотреба на деца и често го менуваат местото на живеење.

На веб-страницата на американското Министерство за правда во ноември 2021 година, беше објавено дека врвните лидери на Лев Тахор, Нахман Хелбранс и Маер Роснер, се осудени за заговор за киднапирање на 14-годишно девојче и враќање на сексуалниот однос со возрасен „сопруг“.

За престојот на групата Евреи од Лев Тахор во Куманово соопштение испрати и МВР.

„Секторот за внатрешни работи Куманово ја информира јавноста дека групата лица забележана во Куманово претставува група припадници на Еврејската верска заедница. Овие лица ги почитуваат законите на Република Северна Македонија, се целосно со легален престој тука, и привремено престојуваат во нашата држава“, соопштија од СВР Куманово.

До кога ќе останат овие ултраортодоксни Евреи во Куманово засега никој не знае. Можеби тоа е само попатна станица во нивното талкање. (Н.В.)