Која е Ејми Кони Барет, кандидатката на Трамп за судија на Врховниот суд: Лицето на конзервативната Америка


Изборот на Трамп падна на Ејми Кони Барет – таа треба да биде судијка на Врховниот суд.

Таа е цврсто религиозна, приватно пријатна и подготвена да помогне.

Нејзиниот избор би можел да го обликува американското правосудство во следните децении, пишува Дојче веле, откако американскиот претседател Доналд Трамп во саботата ја номинираше Ејми Барет на местото на неодамна починатата либерална судијка Рут Бејдер Гинсбург.

За Барет се вели дека е длабоко религиозен противник на абортусот и наскоро би можела да стане судија на Врховниот суд на Соединетите држави, судот што го насочува правосудството во таа земја.

Додека либералниот дел на Соединетите држави се збогуваше со Гинсбург како феминистичка икона, Барет е заштитно лице на конзервативната Америка. Нејзината номинација дополнително ќе го разгори конфликтот на културите во земјата. Бидејќи, Барет не е само против правото на жените сами да одлучуваат дали ќе ја носат бременоста, туку и против задолжителното здравствено осигурување за секого и против хомосексуалниот брак. Таа се залага за правото на поседување оружје и за традиционалната слика на семејството.

Како професорка по право на Католичкиот универзитет Нотр Дам, таа на предавање рекла дека кариерата во правосудството е само „средство за да се постигне целта“ и дека целта е „да се изгради Божјото царство“, пренесува Танјуг. Нејзините критичари не пропуштаат да потсетат на оваа реченица.

Таа ја предизвика расправа пред три години кога, номинирана за судија на Врховниот апелационен суд, беше на сослушување во Сенатот. Една демократска сенаторка ѝ префрли дека „догмата чука силно во неа“, на што Барет одговорила: „Ако ме прашате дали сериозно ја сфаќам мојата католичка вера: да, јас сериозно ја сфаќам. Иако сакам да истакнам дека мојата религиска припадност или мојата вера не би влијаеле на моите должности како судија“.

Барет живее во она во што верува. Со своето семејство живее во Саут Бенд, мал универзитетски град во Индијана. Има седум деца, од кои две се посвоени и потекнуваат од Хаити. Едниот син има Даунов синдром. Ејми Кони Барет, наводно, секое утро го носи по скалите на семејната куќа на грб.

Велат дека приватно е бесконечно љубезна личност. Иако има многу работа, таа волонтира во училиштето во кое одат нејзините деца. Колегите ја опишуваат како дарежлива и гостопримлива. „Ретко кој со такво ниво на образование реагира така на обичните луѓе“, изјави за „Гардијан“ социјален работник кој ја познава.

Родена е во 1972 година во Њу Орлеанс како најстара од седум деца. Завршила додипломски студии по англиска литература, а потоа студирала право на реномираниот универзитет во Нотр Дам, каде предавала до 2017 година. Едно време, таа работела за покојниот конзервативен судија на Врховниот суд, Антонин Скалија, од кого, наводно, презеде правни позиции – дека Уставот треба да се толкува буквално, како во времето на неговото создавање.

Трамп и претходно пофално зборуваше за Барет. Со номинацијата, тој се надева дека ќе ја зајакне поддршката во конзервативната база пред изборите на почетокот на ноември. Републиканците, кои имаат мнозинство во Сенатот, се надеваат дека Берет како жена би можела да добие поддршка и од некои демократски сенатори.

Барет е веќе третата личност што Трамп ја испраќа до Врховниот суд по Нил Горсак и Брет Кавани.

Доколку биде потврдена, Берет ќе го зајакне мнозинството конзервативни судии што го имаат во Врховниот суд во однос на либералите – тогаш тоа би било шест спрема три. Уште многу млада за толку висока позиција во правосудството, Барет би можела да влијае врз правната практика на САД со децении, бидејќи судиите се избираат доживотно. (Политика)