Која е Ани Ерно, добитничка на Нобеловата награда за литература?
Таа постојано го истражува искуството на животот обележано со големи разлики и нееднаквости во јазикот, полот и помеѓу класите во општеството

Стокхолм– Ани Ерно е добитничка на Нобеловата награда за литература за 2022 година, а оваа престижна награда ја заслужи „за храброста и клиничката прецизност со која ги изложува корените на отуѓувањето и колективните ограничувања на личната меморија“, објави во Шведската кралска академија Матс Малм, постојан секретар на Нобеловиот комитет. Тој го најави и врачувањето на наградата, по долгогодишен карантин, за 10 декември во Стокхолм.
Ана Ерно е родена во Нормандија во 1940 година и важи за една од најголемите живи француски писатели. Својата литературна кариера ја започнала во 1974 година. Позната е и во регионот .Во 1997 година го посети Белград, кога ги претстави книгите „Едноставна страст“, „Место под сонцето“ и „Не излегов од мојата ноќ“. Пишувајќи за секојдневието, таа открива подлабоки проблеми, поседува прустиевско чувство за време, чиј минување го евоцира низ сеќавањата на конкретни детали – музика, написи во весници, фотографии. Добитничка е на бројни награди, меѓу кои и оние со имињата на Маргерит Дирас, Маргерит Журсенар и Франсоа Моријак, како и наградата „Ренод“.
Претседателот на Нобеловиот комитет на Шведската кралска академија, Андерс Олсон, истакна дека Ани Ерно постигнала нешто восхитувачко и трајно, укажа на нејзината верба во ослободителната моќ на литературата, а исто така истакна дека нејзината работа е бескомпромисна, дури и иако е напишано на едноставен јазик.
„Ани Ерно постојано го истражува искуството на животот обележано со големи разлики и нееднаквости во јазикот, полот и меѓу класите во општеството. Нејзиното книжевно дело кое се соочува со класното искуство започна рано, како проект на меморија, со мисија да ги прошири границите на литературата, дури и надвор од фикцијата, во строга смисла на зборот. Тоа се спомени, засилени со социјалниот контекст. Во реконструкцијата на минатото, таа се потпира на делото на Пруст „Во потрага по изгубеното време“, но својата потрага ја води во сосема нов правец. И покрај свесно едноставниот книжевен стил, таа изјавува дека е „етнолог на себе“, наместо автор на фикција“, рече Андерс Олсон.
Според него, по романот „Место под сонцето“ од 1983 година, Ерно се прославила. Таму таа даде портрет на татко и општественото милје што го формираше, објавувајќи ја нејзината етички мотивирана естетика. Но, раскажува и приказни за жени, мајки, а ги анализира општествените корени на срамот, зборувајќи за нелегалниот абортус на млада девојка во романот „Настан“, кој наскоро ќе го објави во Србија издавачката куќа „Штрик“. Според Андрес Олсон, работата на Ани Ерно е подредена на процесот на време. Таа покажува колкава моќ имаат општествените конвенции врз човечкиот живот, во амбициозниот проект „Години“, кој е наречен прва колективна автобиографија. Ова ѝ донесе меѓународна репутација, како и книжевен следбеник.
Ерно е најпозната по своите автобиографски дела, но некои критичари од англиски јазик ја карактеризираат нејзината проза како мемоари. Може да се каже дека Ани Ерно создава автобиографска проза која има општа релевантност и приемчивост. Таа зборуваше и за тоа дека не пишува лична историја, туку дека гради приказни кои имаат општествено значење од сопственото искуство и дека е клучно да се каже дека кажува „вистина“.
Последниот француски писател кој ја доби Нобеловата награда беше Патрик Модијано, во 2014 година. Годинава еден од главните фаворити, како што пишува за тоа британски „Гардијан“, бил Салман Ружди, долгогодишен кандидат заедно со Харуки Мураками и Маргарет Атвуд. Иако во последните месеци беше во фокусот на медиумите поради нападите на религиозните фундаменталисти, очигледно е дека Шведската академија се држи до литературата, а не до личниот живот на авторот.