Кој води во анкетите за градоначалник на Скопје во ВМРО-ДПМНЕ? Перински ги откри очекувањата


Министерот за локална самоуправа, Златко Перински не кажа дали ќе биде нов кандидат за градоначалник на Град Скопје и остава да помине седницата на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во недела.

На новинарско прашање дали е точно дека градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски води на внатрепартиските анкети и ќе биде кандидатот на најголемата владеачка партија, Перински вели дека нема таква информација, но најавува целосна поддршка и соработка во кампањскиот период со било кој кандидат.

-Без разлика кој и да биде кандидат за градоначалник, ја има мојата целосна поддршка, а моето темпо за работа ќе си продолжи како и досега – рече Перински на прес-конференција за отчет од првата година на власт во Министерството за локална самоуправа.

Околу партиските анкети за поддршката на граѓаните, министерот вели дека очекувањата на ВМРО-ДПМНЕ за победа во Скопје се големи и се базирани на бројки.

-Бројките на анкетите, споредбено ВМРО-ДПМНЕ со СДСМ, се историски позитивни во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа што имаме шанси да победиме во секоја општина во Македонија се базирани на тие бројки и е извесно дека тоа ќе се случи. Нашата партија е доминантно позиционирано во градот Скопје и не очекувам некакви изненадувања. За кратко време ќе се заврши процесот и во општина Центар. За неколку дена ќе имаме потврда како ќе настапиме во следниот период – истакна Перински.