Кој треба да се вакцинира против сезонски грип?


Фото: Б. Грданоски

Секој кој е на возраст над 65 години, има здравствени проблеми, бремена жена или е здравствен работник, треба да се вакцинира против сезонски грип еднаш годишно.

“Секоја година околу 500.000 луѓе во светот умираат поради компликации од грип. Околу 10% од овие смртни случаи се во Европа. Според д-р Каролин Браун од СЗО/ Европа, многу од овие животи може да се спасат со едноставна акција: вакцинација против сезонски грип. Годишно, најмалку 30 милиони луѓе во Европскиот регион на СЗО одлучуваат да се вакцинираат против грип. Секој кој е на возраст над 65 години, има здравствени проблеми, e бремена жена или е здравствен работник треба да биде еден од нив”.

Лица на возраст над 65 години и лица со постоечки здравствени проблеми се во најголем ризик!

Грипот често предизвикува непријатност во период од неколку дена кај сите заразени лица, но луѓето обично прилично брзо се опоравуваат. Сепак, за луѓе кои имаат широк спектар на здравствени проблеми, грипот може да биде сериозна, па дури и фатална болест.

Оние кои се најмногу изложени на ризик од сериозни компликации од грип, се луѓе на возраст над 65 години – осум од десет смртни случаи поврзани со грип се во оваа возрасна група. Тоа е така бидејќи имунолошкиот систем слабее со текот на годините и станува помалку ефикасен во борбата против инфекциите, како на пример грипот. Исто така, доколку заболениот претходно  веќе имал проблеми со срцето, дијабетес, хронична црнодробна или бубрежна болест или белодробно заболување, грипот може да ги влоши овие состојби и да биде смртоносен.

Најефективен начин да се спречи инфекција со грип или тешки компликации е вакцинацијата!

СЗО/ Европа им препорачува на лицата на возраст над 65 години и лица со здравствени проблеми да се вакцинираат против грип секоја година. Вакцините против грип се безбедни, а несаканите реакции се мали, особено во споредба со многу поголемиот ризик од компликациите од грип.

“Премногу луѓе на возраст над 65 години и лица со здравствени проблеми не се свесни за тоа како грипот може да влијае на нивното здравје, па затоа и не се вакцинираат. Пристапот кон грипот како безопасна болест е погрешен, особено за овие луѓе. Со вакцинацијата, кај нив може да се намали ризикот од компликации и тоа треба да се прави секоја година, не само еднаш, бидејќи вирусите на грип се менуваат. Во Европа, пикот на сезоната на грип е обично во есен и зима, а со тоа, октомври е оптимално време да се прими вакцината “, заклучува Каролин Браун.

Бремените жени и здравствените работници, исто така, имаат потреба вакцинација!

СЗО им препорачува на бремените жени да се вакцинираат против грип бидејќи се повеќе склони на потешка форма на болест кога се заразени со грип и тоа може да има негативни последици за фетусот. Што е уште поважно, вакцината против грип дадена за време на бременоста го штити и новороденчето во првите месеци од животот.

Исто така, здравствените работници се сметаат како ризична група со оглед на тоа што се повеќе изложени на различни вируси на дневна основа, вклучувајќи го и вирусот на грип и треба да се заштитат.

 

Кампања за свесност за грип и вакцинација против грип

СЗО/ Европа ја започна Кампањата за свесност за грип и вакцинација против грип во 2013 година, како продолжение на Европската недела на имунизација.

Но, зошто одредена кампања за грип?

Грипот обично не е тешка болест и повеќето луѓе се опоравуваат брзо. Сепак, оваа заразна респираторна болест предизвикана од вирусите на грип може повремено да предизвика сериозна болести и смрт.

Најдобар начин да се спречи инфекцијата со грип е вакцинацијата. Со оглед на тоа што вирусите на грип се менуваат, потребно е да се прими вакцината секоја година за да се остане во чекор со циркулирачките вируси. На северната хемисфера, пикот на сезоната на грип е обично во есен и зима, а со тоа, октомври е оптимално време да се прими вакцината и да се отпочне со кампањата.

Кампањата има за цел зголемување на опфатот на вакцинација против сезонски грип меѓу ризичните групи. Некои луѓе, како што се постарите лица, бремените жени, децата и лицата со постоечки здравствени проблеми се изложени на поголем ризик од сериозни компликации од грип. Здравствените работници се повеќе изложени на различни вируси секојдневно, вклучувајќи го и вирусот на грип.

СЗО/ Европа изготви материјали за употреба во текот на Кампањата, но, исто така и во текот на целата сезона на грип. Пораките во кампањата се прилагодени на различни групи на луѓе и се доставуваат преку постери, брошури, реклами на локалните јазици.

 

Извор: Институт за јавно здравје на Република Северна Македонија