Кој сѐ стои зад измените на Кривичниот законик?


Фото: Б. Грданоски

 

Намалувањето на казните за злоупотреба на функцијата и за злосторничко криминално здружување се прават баш сега , во договор со кривично гонети лица од ВМРО-ДПМНЕ за возврат дел од пратениците да гласаат за уставните измени, тврдат за „СДК“ извори од владејачката коалиција.

„Сѐ е договорено и затоа молчат дури и меѓународните фактори. Договорот оди доминантно преку избеганиот Никола Груевски, тој ги обезбедува пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои ќе треба да стиснат зелено копче за уставните измени. Логично, од ова спуштање на затворските казни, за кое се бори со години ВМРО-ДПМНЕ, полза имаат само обвинети или осомничени структури од оваа партија. Од СДСМ и од ДУИ уште нема обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувањата и за злосторничко здружување, тоа би било евентуално кога би ја изгубиле власта. Овој договор со ВМРО-ДПМНЕ и со Груевски траеше извесно време и затоа премиерот Димитар Ковачевски цело време спокојно тврди:’Уставни измени ќе има’!”, тврдат за порталот соговорници од власта.

Дека во игра е и Груевски моѓеше да се насети од почетокот на кампањата за ЕУ во Скопје кога вечерта, во говорот за првпат по шест години премиерот Димитар Ковачевски полемизираше со Фејсбук статус на Никола Груевски давајќи му политичка тежина и легитимитет на тоа што го кажува, а утредента СДСМ излезе и со соопштение на истата тема – што изминатите години откако е СДСМ на власт не се случуваше.

Сепак, јавно од СДСМ тврдат дека проширената конфискација, која е обезбедена со измените на Кривичниот законик ќе биде дополнително оружје за борбата против криминалот, особено со организираниот криминал и корупцијата, иако тоа е еден сегмент од измените на Кривичниот законик за кои патем, експертите што го правеа, воопшто не биле информирани. 

„Измената на членот 98-а од Кривичниот законик создава законска можност за поголема примена на мерката конфискација од страна на судиите преку проширување на опфатот на кривични дела за кои ќе може да се применува проширена конфискација. Ова значи и зголемена ефикасност и ефективност во борбата против криминалитетот, што е особено значајно.Измената на Кривичниот законик е и во насока на хармонизација со европското законодавство, бидејќи со неа се постигнува потполна усогласеност со Директивата 2014/42/ЕУ замрзнување и конфискација на предмети и имотна корист остварени со казниви дела во Европската унија“, порачаа од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак сѐ уште глумат дека се против овие измени и дека си нив сака да се спаси СДСМ од гонења, а нив не ги допираат. Најголем добитник и овојпат е ДУИ, која очигледно со ваквите измени е вечно заштитена од прогон.