Кој се радува на затворањето на УСАИД во државата?

Македонија наводно била киднапирана од левичарски невладини организации што ги финансирала УСАИД, а таа правела обука за изборна кампања на ВМРО-ДПМНЕ!


„Милијардерот Елон Маск води финансиска ‘војна’ со милијардерот Сорос, како кај нас ‘Веро’ и ‘Тинекс’ за освојување на пазарот. И, нашите со 200 денари во џеб фаќаат страна, кој бил во право, кој кому му наштетил. Ја не би се радувал на затварањето на УСАИД, со оглед дека доаѓам од земја која една корисна работа не може да направи без некаква надворешна помош“.

Ова е коментарот на граѓанин на социјалните мрежи кој најдобро ја опиша новата политичка караница во Македонија, инспирирана од контроверзните потези на американскиот претседател Доналд Трамп, а пред сѐ од укинувањето на американската државна помош за Македонија.

Министерот Стефан Андоновски со преставничка на УСАИД

Се радуваат некои што Ричард Гренел рекол дека „милијарди долари се дадени на левичарските невладини организации“ за спроведување на политики во други земји, и за изјавата на Крис Павловски дека Македонија  била „киднапирана од левичарски невладини организации и од УСАИД и дека ова може да им заштеди на Американците 290 милиони долари“ – колку што изнесува помошта што Вашингтон ја дал на нашата држава изминатите четири години.

Ова беше повод да зовријат социјалните мрежи со експлозија на постови кои тврдат дека САД  го финансирале Џорџ Сорос да ја урне владата на Никола Груевски и дека тоа го направиле не затоа што беше корумпирана, авторитарна и без компас, туку зошто била десничарска. Уште веднаш треба да се каже – и да ја урнале со парите на УСАИД (Груевски реално има повеќе пари од тие што УСАИД ги вложил тогаш во Македонија), треба да им се заблагодариме, бидејќи општото чувство беше – вакво нешто не треба да ни се повтори. Уште повеќе никој никогаш не спореше дека странски држави, пред сѐ разузнувачки, помагаа тој да падне (вклучувајќи и десничарски) бидејќи предизвика голема штета во Македонија.

Сепак, политиката што деновиве ја демонстрира Трамп и постовите на неговиот специјален пратеник Ричард Гренел го пренесуваат лудилото од САД во нашата држава. Некои во тоа гледаат шанса ВМРО-ДПМНЕ целосно да се рехабилитира од скандалите во претходниот мандат, иако реално ова ВМРО-ДПМНЕ значајно се дистанцира од тогашниот премиер. Повеќето веруваат дека добија „бинго“ што ќе им обезбедни вечно останување на власт бидејќи тимот на Трамп има разбирање само за десничарски упади во државите.

Дали ѝ треба тоа на Македонија и каде ќе ја одведе – е друго прашање. Последиците ќе бидат големи, иако во ова неконтролирано владеење на Трамп и прелевањето на хаосот низ целиот свет премиерот Христијан Мицкоски виде – шанса за Македонија. Најглавното прашање сепак е – ѝ требаше ли УСАИД на Македонија и има ли штета од тоа што ќе си замине? Во чии раце завршија парите што ги даваше тука?

УСАИД вршеше и обука за кампања за ВМРО-ДПМНЕ за изборите во 2020

Главната контра теза деновиве е дека само мал дел од парите на УСАИД се трошеле за корисни проекти во државата, а најголем дел  за политички интервенции, што е голема невистина. Од таа теза произлегува поттезата дека невладините организации, кои се на првата линија за слободата на медиумите, во борбата против корупцијата, истражувачките новинари кои откриваат финансиски и други злоупотреби, невладините што се борат против загадувањето, против урбаната мафија и генерално за подобро општество – се нешто што не ѝ треба на Македонија.

Се наметнува тезата дека невладините организации се непријатели на државата (како во Русија) и дека е супер што некои ќе останат без пари, без да се помисли кој ќе го крева гласот против урбаното насилство и против злоупотребите во системот. Тоа што толку ботови се покренаа да го поздрават укинувањето на УСАИД, и покрај неспорната корист што ја имаше од него Македонија, покажува колкави се тие сили кои сакаат да ја заробат уште повеќе државата, работејќи непречено. Патем, ни Сорос фондацијата не постои веќе неколку години во Македонија и неговото повикување како главен виновник за случувањата кај нас е смешна асоцијација.  

Иако штетата е пред сѐ политичка, таа е и општествена. Колку и да се минимизираат проектите, јасно се гледа дека тие имале импакт на секојдневниот живот на граѓаните. Иако ботовите се препукуваат на оваа тема, јасно е дека УСАИД работеше и кога беше на власт СДСМ, и кога беше на власт ВМРО-ДПМНЕ и дека и едните и другите имале корист од американската помош. Единствен што даде искрен одговор деновиве беше министерот Арбен Таравари. Тој како екс-градоначалник кажа дека американската помош му била многу корисна и дека со тие пари граделе градинки и училишта во Гостивар. Со американски пари беше обновен и ургентниот центар во Клиниката „8 Септември“, скопскиот Вијадукт,  „Св. Богородица Перивлепта“, Националната галерија, Златковата кула, мозаикот во Стоби, манастирот во Вељуса, скопски Катастар…

 

И тоа не е сѐ. Последниве години УСАИД обилно финансираше бизнис обуки за жени лидери, финансираше стартапи, даваше до 60.000 долари помош за мали и средни претпријатија, финансираше саеми за вработување, ја помагаше зелената економија, обучуваше 128 невладини организации (не само Сорос), промовираше свест за донаторство и за волонтерство, работеше со општините да ги направат буџетите транспарентни, а граѓаните да знаат на што ги трошат парите од даноците, работеше на механизми за спречување на  конфликт на интереси во нив, правеше платформи за поврзување на економските актери, го финансираше и го помагаше процесот на дигитализација, сајбер безбедноста, борбата против трговијата со луѓе, ја направи Македонија прва интернет држава во светот, наголемо ја финансираше борбата против корупцијата и реформата на судството, па и организираше обука за изборна кампања на ВМРО-ДПМНЕ, иако не се левичари! Наспроти тоа, ВМРО-ДПМНЕ трошеше државни пари за да организира бадникови поворки од кои имаат корист само тие како партија, бидејќи си мобилизира членство на товар на буџетот. 

Не е тешко да се сфати зошто од многумина на кои им одговара политиката на Трамп не се споменуваат ваквите активности околу УСАИД туку се форсира тезата за „шарена проституција“, односно за користење на парите за правење „обоени револуции’ во земјите, при што најтрагично е што како негативен пример, покрај Македонија, се споменуваат Украина (каде што куќата со златната клозетска шоља на сменетиот Виктор Јанукович е претворена во музеј на корупција) или уривањето на Башар ел Асад во Сирија, каде што деновиве слават што го нема.  Дури и во ВМРО-ДПМНЕ им олесна исто така што го нема Груевски, иако тој деновиве глуми жртва на социјалните мрежи и чека шанса да се врати во „елдорадото“ за корупција. Поентата е дека граѓаните губат со укинувањето на УСАИД, а добиваат олигарсите, па и да продолжат да функционираат програмите преку Стејт департментот, Трамп не е добротвор и се води од паролата „Америка пред сѐ“, мислејќи притоа на неконтролирано владеење на олигарсите.

 

Попросто кажано, многу се лажат тие што очекуваат дека Крис Павловски ќе ни обезбеди „шанса“ кај Трамп, бидејќи тој сите земји ги гледа како бизнис инвестиција, т.е. сака да земе а не да даде и од сите нив да направи „Газа со најубава ривиера“. Многу бргу Македонија ќе се најде во голема колизија и со своите стратешки определби – НАТО и Европската унија, и ќе мора да реши дали ќе го зголеми процентот за одбрана, дали ќе се држи до европските сојузници или ќе тера бизнис со Трамп на сопствена штета. Ќе се најде и во колизија со политиката на ЕУ, дури и да се остварат очекувањата дека таа внатре ќе се раслои околу Трамп, во смисла дека тој ќе си гради односи со поединечни земји. Македонската влада ќе мора да каже дали и натаму ќе стои зад надворешната политика на ЕУ (вклучувајќи го и прашањето кон Палестина)  или конечно ќе оцени дека има подобра опција од тоа да биде нејзина земја членка – американската. Но, Европа е вечна во нашиот регион, а Трамп нема да биде вечен ни во САД.

Штетата може на крајот да се сведе и во една реченица: Тие што се радуваа дека Артан Груби се најде на црната листа на САД  ќе треба да заборават на неа, бидејќи тоа беше политика на Џо Бајден, а не на Трамп. Со ваквите политички изливи од партиските ботови, кои не се непознати и на европските преставници, не е ни чудно што почнаа да се кратат и некои билатерални аранжмани за помош, а нема да биде ни чудно ако ЕУ, како Трамп, почне да мери кому му дава помош и за какви вредности, а што е уште полошо за нас – кого прима во свои редови. Тие што плурализмот го викаат проституција и сакаат уништување на невладиниот сектор тешко дека ќе ги посакаат внатре во ЕУ, колку и да биде фактор таму Џорџа Мелони и Виктор Орбан.

Македонците имаат една изрека одамна: Копај нов бунар, но не плукај во стариот! Нашата неблагодарност за помошта што ја примаме од надвор станува легендарна и анахрона, дотаму што се јавува потреба и да се сожалиме на Албанците што мора да живеат со нас, бидејќи поразумно играат – т.е. од сите прават пријатели и сојузници, а ние ги етикетираме и тие што ни помагаат. Па, и да се сожалиме на американските граѓани што давале толку пари да ни го поправат општеството, а ние сакаме да тонеме во политичка поделеност, омраза и општествена мизерија. 

 

Инаку, УСАИД е независна владина агенција основана од Конгресот по предлог на претседателот Џон Кенеди и постои од 1961 година. Таа е главната Агенција за меѓународен развој (не помош) на американската влада и добива десетици милијарди долари годишно од Конгресот за финансирање програми во некои од најсиромашните земји во светот. Овие програми вклучуваат ублажување на сиромаштијата, здравствени програми, помош при катастрофи и програми за промовирање на демократијата и одбрана на човековите права. Во Македонија досега потроши над една милијарда долари.