Кој се грижи за чие здравје, или зошто српскиот претседател Вучиќ не е во изолација?


Србија– Веста дека Данило Вучиќ, син на претседателот на Србија, е заразен со коронавирус прекуноќ стана една од главните теми во Србија, а стигна и до светските медиуми. Дека помладиот Вучиќ се вбројува во илјадниците луѓе кај кои во Србија е регистриран новиот вирус, е обелоденето на Инстаграм профилот на претседателот.

Многу граѓани во Србија се запрашаа: дали Претседателот е тестиран како контакт лице, дали сега и тој е во самоизолација, зошто патува, кога е можеби потенцијален преносител на вирусот? Кога последен пат го видел синот? Тоа прашање му го постави ДВ во текот на вчерашната прес-конференција во Ниш, каде Вучиќ, во придружба на голема свита, врачи респиратори и медицинска опрема.

„Го видов синот. И го сакам бескрајно и нема да се правдам поради тоа. Но, се видов и бев на значителна оддалеченост од него. Ви благодарам што сте загрижени. Знам дека вие од Дојче веле сте многу загрижени и за моето здравје и за здравјето на мојот син. Ви благодарам многу на таа грижа“, рече Вучиќ, не одговарајќи на поставеното прашање.

Според претходно дадениот одговор на заменичката директорка на Институтот за јавно здравје на Србија, Дарија Кисиќ Тепавчевиќ, „протоколот е ист за сите“. „Сите лица кои биле во контакт се подложуваат на тестирање и нема исклучоци“, рече таа.

Напади врз професионалните медиуми

Реакциите на веста дека синот на Претседателот е заразен се движат од изрази на поддршка до доведување под сомневање дека веста е воопшто вистинита. На социјалните мрежи кружи наводна преписка на членови на „интернет тимот“ на Српската напредна партија, во која се бара фокусот да се стави на Данило Вучиќ и брутално да се одговара на сите забелешки.

Напомош прискокнуваат и режимските таблоиди. Така, „Ало“ ги обвини новинарите од порталот Нова кои прашаа дали Претседателот треба да оди во изолација: „На новинарите од тајкунскиот и кон опозицијата наклонет медиум, не им е до тоа каква е здравствената состојба на Данило Вучиќ, туку исклучиво ги интересираше како да го исклучат претседателот на Србија од јавниот и политичкиот живот“, се наведува во текстот.

Уредничката на нишки „Јужни вести“, Гордана Бјелетиќ, поради ваквиот однос се одлучи да не испраќа новинари на прес-конференцијата во Ниш.

„Беше сигурно дека најважното прашање во овој момент – дали Претседателот е тестиран и зошто не е во самоизолација, која е задолжителна за сите останати во такво околности – ќе биде искористено за нови напади врз новинарите и медиумите кои прашуваат“, вели Бјелетиќ за ДВ.

Таа додава и дека и самиот собир во Ниш бил спротивен на правилата за собирање во текот на вонредна состојба. „Знаеме колку лидери во светот во овој момент се во самоизолација. Знаеме колку одговорни политичари ги случаат препораките на стручњаците од областа на медицината, како што слушаат и одговорните граѓани кои речиси еден месец се дома и живеат преку медиумите“, заклучуваа таа. (Дојче Веле)