Кој сака да го избетонира „Јасен“?


Туризам во „Јасен“ треба и добро е да има, но каков е прашањето што се поставува откако почна изградбата на туристичко-рекреативниот комплекс во месноста Рудина. Во 2010 година била направена Студија за валоризација на природните вредности на повеќенаменско подрачје Јасен, изработена од истражувачкото друштво „Урсус спелеос“ од Скопје, во рамки на проект на УНДП. На неа работеле 30 лица, меѓу кои осум доктори на науки и уште неколку магистри од различни области.

Според студијата, месноста Рудина е една од зоните во „Јасен“ каде што може да се развива рурален туризам. Ова оттаму што таму се распространети тревни површини и пасишта, а присуството на бачилското сточарење е една од препознатливите карактеристики.

„Начинот на подготвување на сточарски производи и активно учество на туристите во оваа дејност е една од можностите од оваа туристичка понуда“, стои во Студијата.

 

Туристичка понуда на локалитетот Рудина може да биде и набљудувањето птици, затоа што има разновидни и ретки примероци, а во Студијата е наведена и можноста за развој на хербален туризам, поради богатата вегетациска разновидност – тревната флора и застапеноста на букова, брезова и борова шума, кои даваат можности за набљудување, престој и собирање на цветови, лисја, плодови, кора, смола и корени. Експертите утврдиле дека Рудина е живеалиште на еден од најбрзите летачки инсекти на светот – вилиното коњче, а посебна природна знаменитост е пропаста Ситоица-Рудине.

„Целиот кањон на реката Треска е од тропскиот период и е богат со многу ендемични видови на флора и фауна. На пример, во Македонија има 200 вида пеперутки од 400 колку што ги има во цела Европа, а од тоа барем 70 отсто се наоѓаат на тоа подрачје. И никој не води сметка дека со човечките активности може голем дел видови да исчезнат“, вели Гордана Јанакиевска, искусен туристички работник. Таа беше осум години советник во ЈП „Јасен“, и во периодот кога течеле планските активности за отуѓување на дел од повеќенаменското заштитено подрачје. Вели, била искрено зачудена како тој дел на „Јасен“ Општината Сопиште го продала за туристичка намена.

„Не сум против тоа таму да има туристички содржини, но мора да се знае транспарентно како инвеститорот го добил плацот, што ќе прави со него и какви градби ќе има. Неопходна е државна, системска реакција, заснована врз регулатива, врз Студијата за валоризација и посебната заштита која е предвидена за оваа зона“, укажува Јанакиевска.

Копањето по случувањата што ѝ претходеле на урбанизацијата на месноста Рудина во Јасен, покажува дека иако Студијата за валоризација била изготвена, таа не поминала на влада, затоа што повлекува финансиски импликации а тогашната влада не сакала да одвојува плус буџетски пари за интервенции во “Јасен’. Ова ЈП беше оставено на самофинансирање, иако европската регулатива за заштитени подрачја не прифаќа со искористување на природните богатства да се финансира работењето и евентуални градби.

И на Јанакиевска ѝ е нејасно кој можел да одобри бетонски градби и сеча на шума во Рудина. Вели, современите трендови на екоградби со дрво и природни материјали е најмногу што би било прифатливо како интервенција во тој простор.

Истата 2010 година Агенцијата за планирање на просторот изработила урбанистички план надвор од населено место со кој се предвидува изградбата на туристичко-рекреативен центар Козјак во месноста Рудина, Општина Сопиште.

„Јасен“ е член на Мрежата на заштитени динарски паркови од осум држави од Западен Балкан, каде што влегуваат сите национални и заштитени подрачја и споменици на природата.

Анита Салтировска   Фото: Б. Грданоски