Кој проект или манифестација најмногу доби во годишната програма за култура?

Над една милијарди денари ќе бидат поделени во рамките на годинашната програма за финансирање проекти од областа на културата во 2022, најмногу средства ќе добијат музичката дејност и издаваштвото


За 62. издание на Охридско лето се предвидени 32.000.000 (517.000 евра)

Скопскиот џез фестивал (СЏФ) ќе добие најмногу средства наменети за музичките фестивали и манифестации во рамките на годишната програма за култура, чии резултати беа објавени завчера. Овие резултати се официјални, но секој добитник има право да ја обжали сумата која е одобрена. За  41. издание на СЏФ, Министерството за култура одобри 4.100.000 денари (66.000 евра), што е речиси еден милион (околу 15.000 евра) повеќе од првичната сума одобрена лани, но и еден милион помалку во однос на 2020.

 

Сумата за Офф-фест, што исто така го организира „Скопски џез фестивал“, остана речиси идентична – 2.091.000 денари (34.000 евра).

 

Меѓу поддржаните рок фестивали се Таксират со 2.911.000 (47.000 евра) и Д-фестивал во Дојран со 2.870.000 денари (46.000 евра).

 
За Златно славејче се одобрени 249.000 денари (4.000 евра), а за Макфест 399.000 денари (6.500 евра), откако пред две години доби два милиона денари.

По СЏФ, најмногу пари за музичките манифестации се одобрени за 45. Денови на македонска музика – 3.034.000 денари (49.000 денари) и за 10. Сцена на албанската сериозна музика – 2.911.000 денари (47.000 евра).

Од настаните на Филхармонијата, со најмногу средства е поддржан „Филхармонија на отворено – Филмско ехо со Кјубрик“ – 1.000.000 денари (16.000), а во НОБ, премиерите на операта „Норма“ и на балетот „Големиот Гетсби“ – по 2.500.000 денари (40.000 евра).

За 62. издание на Охридско лето се предвидени 32.000.000 (517.000 евра), а за 50. Мајски оперски вечери (МОВ) 6.000.000 денари (97.000 евра).

Новата претстава на Слободан Унковски „ Зимска бајка“  од Вилијам Шекспир, е поддржана со 4.000.000 денари, а претставата „Моето име е Горан Стефановски“ на Драмски театар- со 3.000.000 денари. 

Претседатели на комисиите кои ги разгледуваа пристигнатите пријави по одделни дејности се: за литература и издавачка дејност – Весна Димовска; за драмска дејност – Синоличка Трпкова; за фолклор и сценско-уметничка дејност – Јашар Сејдиу; за музичка и музичко-сценска дејност – Бранка Костиќ-Марковиќ; за визуелни уметности, архитектура и дизајн – Соња Абаџиева; за интердисциплинарни проекти – Зоран Петровски; за меѓународна дејност – Енвер Абдулахи; за заштита на недвижното културно наследство и заштита на аудиовизуелни добра – Валентино Димитровски; за музејска дејност – Фросина Зафировска; за библиотечна дејност – Славица Србиновска.