Кој победи и кој ќе прави влада (2)

ЕРОЛ РИЗАОВ   

Деновиве ќе се чека белиот чад од Мала Речица дали Али Ахмети стои на зборот дека најпосакуван партнер му е СДСМ, но и одговорот на Зоран Заев што мислел кога кажа дека ДУИ оди во опозиција. Излезот е ако надвладеат државните над партиските интереси и ако иднината е поважна од суетите и инаетот

 

Се случи тоа што го навестувавме пред една недела како најизгледен резултат на изборите – дека едно е кој ќе победи, а друго кој ќе прави влада и ќе биде премиер. Реализацијата на тесната, но значајна изборна победа на Зоран Заев и коалицијата СДСМ – Беса  зависи од  ДУИ, најголемиот победник на трилер  изборите.

Деновиве ќе се чека белиот чад од Мала Речица дали Али Ахмети стои на зборот дека најпосакуван партнер му е СДСМ, но и одговорот на Зоран Заев што мислел кога кажал дека ДУИ оди во опозиција. Христијан Мицкоски, лидерот на опозицијата требаше да преноќи и малку да се соземе за да појасни дека поразот во суштина бил големата победа на ВМРО-ДПМНЕ и дека очекува коалиција која ќе го промовира во премиер. По етничка припадност ги наброја сите градови во државата каде што победило ВМРО-ДПМНЕ, дури и тие каде што загубило. Но неговата мерка на гласовите е по етничка линија. Мицкоски ги признава само македонските гласови, што навестува дека стратегијата е во насока да се предизвика криза и нови избори на кои ќе превладуваат делбите и омразата. Мицкоски ги деградира чистите и фер избори како масовен поткуп за да го оправда поразот, што сега повеќе му е потребно пред партискиот врв отколку пред јавноста. Се разбира, ниту со еден  збор не им честита на победниците, поточно си честиташе самиот на себе за големиот успех.

Али Ахмети и на овие избори ќе одлучува кој ќе формира влада, а кој ќе оди во опозиција. Притоа Ахмети знае дека неговиот цврст став за Албанец премиер ги отвара вратите за нови избори на кои може да се предизвика опасна етничка хомогенизација во две етнички политички партии што води кон подлабока политичка, здравствена и економска криза, застој на демократските процеси  и неизвесност на почетокот на преговорите со ЕУ.

Иднината, суетите и инаетот

Излезот треба да се бара во мудроста како да надвладеат државните над партиските интереси, иднината да биде поважна од суетите и инаетот. Вратите за коалиции треба да бидат отворени и за други проевропски ориентирани политички партнери за да се реализира стабилно мнозинство во парламентот и одговорна политичка  влада.

Поништувањето на преговарачка маса на оваа победа би означило уривање на праведната страна на историјата, обезвреднување на сѐ што е постигнато во изминатите две ипол години и во евроатланските интеграции и во односите со соседите. Тој успех на СДСМ и ДУИ и на нивните коалициски партнери не би смеело да се донесе под знак прашање само поради предизборните ставови во кампањите и во врска со идејата Албанец премиер и со „испраќањето“ на ДУИ во опозиција.

Членството во Европската унија и реформите кои треба да се спроведат во сите општествени односи е тасот кој треба да натежне на преговарачката вага која ќе го мери историскиот предизвик дали ќе се оди напред или назад.

Коалициите кои ќе се случат, ако воопшто се случат, наредните денови треба да се потпираат на државните интереси и продолжување на патот кон прогресот и Европа. Тоа се меѓниците кои јасно ги определија политичките партии и лидери не само во предизборната кампања и во своите партиски програми, туку и со своите храбри одлуки што ги поздрави светот, а дома наидоа на големи отпори и злоупотреби. Сега тие што ги направија сите отпори и попречувања на односите со соседите и со Брисел сакаат и покрај поразот да се прогласат за победници и да управуваат со државата.

За сите политички партии кои освоија пратенички места и ги направија и поддржаа во изминатите две ипол  години историските исчекори по 15 години стоење во место би било логично во ваква ситуација да бидат учесници во исклучително тешкиот период пред кој е исправена Македонија. Таквиот консензус е неопходен за совладување на економската и здравствената криза, за забрзување на преговарачкиот процес со ЕУ и за развој на демократијата и правниот поредок во државата.

Предвремените парламентарни избори ќе останат запаметени по неколку работи кои за првпат се случија во кусата 30-годишна историја на независна Македонија. Најголемата конфузија на мирните и фер избори, за жал, се случи во ДИК во многу чудни и сомнителни околности, не само поради хакерскиот упад во компјутерскиот систем, туку и поради објавување на збунувачки  резултати во повеќе наврати. Системот кој мора да има добро обезбедување рикна како да е ефтин портал на почетници. Истрагата наредните денови мора да покаже кој го нарача и плати овој скап упад во системот. Претседателот на ДИК Оливер Деркоски се појави на кратко само колку да ги крене рамениците и да каже дека упадот е од надвор.

Откако имаме повеќепартиско Собрание изборите за прв пат се одржаа за време на здравствена криза од пандемија што влијаеше врз излезноста на граѓаните на избори и на резултатите. Се гласаше под посебни услови цели три дена, со заштитни маски на лицето. За првпат на главниот изборен ден избирачките места беа отворени до 21 часот. За првпат имавме речиси четиримесечна вонредна состојба во земјата, за првпат повеќе од пет месеци парламентот е распуштен и не работи, за првпат уредбите на техничката влада имаа законска сила, за првпат беа кандидирани двајца шпицен премиери кои не се на изборните листи. За првпат кандидат за премиер е Албанец и за првпат во предизборната кампања немаше масовни митинзи и собири… но имаше досега невидена медиумска жестокост и лажни вести. За првпат лидерот на опозицијата не се појави во изборната ноќ да даде било каква оценка на изборите.

Како до коалициско мнозинство

Во еден ваков по многу нешта неповолен амбиент, кога за првпат се случуваат толку многу работи сепак имавме мирни,  фер и веродостојни избори. Тоа во овој момент е најважно, подеднакво со изборните резултати. Тоа што ќе се случува од денес до конституирање на Собранието и до формирање на влада ќе биде по многу нешта многу повозбудлив и подраматичен период од самите избори. На минатите парламентарни избори 2016 година веќе се случи победникот да не може да формира влада и да замине во опозиција бидејќи сите обиди да се направи коалиција со ДУИ пропаднаа. Дали нешто се промени во тие односи кои одамна се познати ќе видиме деновиве.

Тоа се случи и на првите веќе подзаборавени парламентарни избори 1991 година, но со спротивни мотиви, кога ВМРО- ДПМНЕ немаше капацитет да прави коалиција со албанска партија, затоа што целата предизборна кампања се темелеше на антиалбанство.

Сега на сцена стапуваат преговорите, кај нас познати како пазарења за поделба на власта. Постизборен процес многу вообичаен во сите земји на парламентарната демократија кога се во прашање коалициски влади. Но разликата кај нас е во тоа што досега идните партнери одговорноста да управуваат со државата повеќе ја подразбираа како поделба на власта и моќта отколку како доверба на граѓаните да ги остварат државните интереси ветени во предизборните кампањи.

Ваквата ситуација во Македонија се усложнува уште повеќе со ставот на ДУИ како победничка од албанските политички партии дека која и да победи премиер мора да биде нејзиниот кандидат Насер Зибери. Цврстото закопување на овие ставови неминовно води кон нови избори со етнички поделби и победи неповолни за албанските политички партии. Иако на многумина им изгледаат примамливи тие се многу опасни за стабилноста на Македонија.

Компромисот изграден на темелот на државните интереси за функционирање на коалициски влади, а не уцените и ултиматумите за власт и моќ се најголемата умешност и дострел  на политичките лидери со демократски капацитет. Храбрите и тешки одлуки потпрени на вистинско партнерство, со меѓусебно почитување и толеранција, ги прават разликите меѓу државници и политичари. Што ќе изберат победниците ќе видиме наредните денови, или месеци.