Кој останува, а кој заминува од „Илинденска“? Најдолгиот викенд за министрите
Министрите во Владата добија уште еден викенд неизвесност откако се одложи за вчера најавеното соопштување на новиот владин кабинет. Премиерот Зоран Заев сега вели дека имињата на новите министри ќе ги објави в недела попладне, објаснувајќи оти претстои важен банкарски собир во земјава, поради што фокусот е свртен кон тоа поле. Тој не сакаше да шпекулира кои членови на Владата ќе бидат сменети, иако во круговите блиски до СДСМ се зборува дека станува збор за најмалку три министри што се дел од нивната партија. Според овие извори, во ДУИ ќе има само ротации на нивните претставници на „Илинденска“.
„Нашата земја до недела претпладне ќе биде домаќин на конституенцата на повеќе од 15 министри за финансии, гувернери, тројца потпретседатели на Светската банка и двајца потпретседатели на Меѓународниот монетарен фонд. Сакаме да се покажеме во најдобро светло и тоа е главната причина. Одлуките се донесени и в недела попладне ќе ги доставам до Собранието материјалите за сите промени што ќе се случат во Владата“, изјави Заев.
Премиерот не сакаше коментира ниту дали нов министер за култура ќе биде Хисни Исмаили, професор на Медицинскиот факултет и кадар на Алтернатива на Африм Гаши.
„Со некои министри ќе се поздравиме, ќе има и ротации, исто како и кај директорските позиции во пониските ешалони“, најави Заев.
Вчерашниот ден мина во драматично исчекување во кабинетите на „Илинденска“, но и во собраниските ходници каде што се чекаше епилогот од договорот меѓу Заев и Али Ахмети. Министрите што ги контактиравме уверуваа дека никој од нив не знае дали ќе биде дел од реконструкцијата или ќе остане на своето работно место.
„Навистина не знам дали останувам или си заминувам. Се вложував максимално до последен момент, ако премиерот одлучил дека не сум работел доволно – во ред“, вели еден од министрите.
Списокот со имиња го очекуваа и во партиските седишта, но на крајот и кај нив дојде веста дека новиот тим ќе го дознаат в недела.
„Нема да има никакви пречки од понеделник да започне пленарната седница во Собранието и да се разгледуваат поединечно предлозите за сите министри. Во моментов Владата е на потег, а ние можеме да започнеме со работа веднаш на стартот од следната седмица“, рече пратеникот и портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.
Извори од „Бихаќска“ шпекулираат дека најмалку тројца министри од нивните редови ќе заминат од „Илинденска“. Како најсериозни кандидати се споменуваат Венко Филипче (Здравство), Горан Сугаревски (Транспорт) и Драган Тевдовски (Економија), а тука некаде, наводно, е и Дамјан Манчевски (Администрација). Позициите на министерките за одбрана – Радмила Шекеринска, за правда – Рената Дескоска и за труд и социјална политика – Мила Царовска се сигурни откако Заев најави дека ќе нема смена на жени во владиниот кабинет.
Се очекува смена на вкупно осум министри, но меѓу нив се вбројуваат и Љупчо Николовски, кој од министер за земјоделство стана генерален секретар на СДСМ и Асаф Адеми, кој се повлече од функцијата во Култура. Садула Дураку треба да ротира од Министерството за животна средина во новото за политички систем, а Зоран Шапуриќ од ЛДП нема веќе да биде министер без ресор, туку ќе оди на друго работно место. Понуда за трансфер на нови работни позиции ќе има и за дел од другите министри.
Доколку расправата во Собранието за новиот владин тим почне во понеделник, најдоцна утредента, односно во вторник, ќе се гласа. Веднаш потоа, како што вели Заев, ќе следуваат промени во вториот и во третиот ешалон, со кој треба да бидат опфатени директори и членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија.
Во однос на промените што се прават внатре во СДСМ, лидерот на партијата информира дека останува да се именуваат потпретседателите и уште дваесетина претседатели на општинските организации.
Горан Адамовски