Кој нема две дози од вакцината не може на Австралија опен. Што ќе прави Ѓоковиќ?


Новак Ѓоковиќ одбива да го каже својот вакцинален статус

Новак Ѓоковиќ и другите тениски ѕвезди нема да добијат посебни исклучоци да влезат во Австралија доколку не се вакцинирани или ако не го откријат статусот на вакцинација, изјави федералниот министер за имиграција.

На прашањето на радиото АБЦ во средата наутро дали има порака за Ѓоковиќ, Алекс Хоук повтори дека секој што ќе влезе во земјата мора да биде двојно вакциниран.

Од почетокот на пандемијата на корона вирусот, австралиските власти се во првите редови во ригорозната борба против светската чума, обидувајќи се на сите можни начини да ги потиснат ефектите што Ковид-19 ги ​​донесе со себе. Отворено првенство на Австралија се одржува од 17 до 30 јануари следната година.

Овогодинешниот Австралија опен беше одложен за три недели, се одржа во февруари, со максимална претпазливост и строги мерки, задолжителен двонеделен карантин за сите кои пристигнаа во Мелбурн. Овојпат не се споменува двонеделен карантин доколку некој не бил вакциниран. Само вакцинираните ќе добијат виза за влез, други не смеат да влезат.

„Не е важно дали сте првиот тенисер во светот или нешто друго“, рече Грег Хант, министер за здравство.

Какви последици може да има ова врз јачината на Австралија опен доволно е да ја знаете последната анкета спроведена во Индијан Велс минатата недела меѓу учесниците на големиот турнир во Калифорнија. Според таа анкета, 35 проценти од играчите од АТП турнејата и 40 проценти од тенисерките од ВТА турнејата не биле вакцинирани двапати.

Најдобриот светски тенисер и деветкратен победник на Австралија опен, Новак Ѓоковиќ во неодамнешното интервју за српски „Блиц“ одби да одговори дали е вакциниран. Тој, исто така, рече дека не е сигурен дека ќе патува за Австралија, патем објавувајќи дека планира да игра на турнирот Мастерс 1000 во Париз, потоа на АТП финалето во Торино и во Дејвис купот. Треба да се напомене дека Ѓоковиќ беше на концерт во Централ парк кон крајот на август во Њујорк, на кој можеа да присуствуваат само оние кои беа вакцинирани. Ѓоковиќ избра да молчи за вакцинацијата и да не го открива својот статус бидејќи не е задоволен од медиумскиот третман и верува дека на секоја негова изјава ќе се гледа со двојни стандарди. Односно дека секогаш ќе биде предмет на критика, што и да каже.

„Најмногу ми пречи што чувствувам дека играчите не се прашуваат за ништо, воопшто не сме релевантни во процесот на одлучување“, рече Ѓоковиќ, потсетувајќи дека дури 70 луѓе годинава морале да бидат ставени во карантин при пристигнувањето во Мелбурн, бидејќи биле во авион со заразено лице.

Конкретните мерки ќе бидат познати кон средината на ноември, што значи дека секому му останува доволно време да го направи она што се бара од нив. Стефанос Циципас и Доминик Тим најавија дека ќе се вакцинираат.