Кој направил пакт со ѓаволот – Јанева или Камчев?


Двајцата се како хиени, заеднички им е бизнисот и секако заедничкиот интерес, едниот сака кеш, а другиот сака слободата да си ја купи со кеш. Двајцата главни јунаци во турбофолк мафијашката серија се Бојан Јовановски познат како Боки 13 и богатиот бизнисмен Орце Камчев. Нивните разговори македонската јавност ги слуша цел викенд, а во нив како две другарки, штотуку запознати, си делат комплименти, озборуваат и си ја зајакнуваат меѓусебната доверба. Орце за Боки е преинтелигентен, а истото го потврдува и Камчев: „Македонија треба да искористи луѓе како нас во секоја област, а не да нè гази“.

Камчев очигледно тропнал на вистинската врата за да си ја купи слободата, но најспорна во разговорите е спогодбата што ја споменуваат со специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, која е постојано во друштво со Боки 13, кој е мост меѓу неа и нејзиниот осомничен во еден од клучните случаи на СЈО, „Империја“. Осомничениот пак е понизен и послушен, ѝ посакува добра вечер на обвинителката, а својата судбина ја става во рацете на Боки 13 кој, како што вели Камчев, ја игра играта за З.З. Каква спогодба направила Јанева со Камчев, треба да покаже истрагата на Обвинителството за гонење на организиран криминал, а од неа зависи дали Јанева  ќе заврши како сведок или како осомничена.

Јанева од грчките плажи, додека се објавуваа снимките, испрати неколку соопштенија во кои потврди дека лично таа разговарала со Камчев, но не за кеш и ослободување, туку дека го врбувала за сведок за друга истрага.

„Повеќе пати сум разговарала со разни лица, во обид да се издејствуваат подобри позиции во кривичните предмети, а тоа често се случуваше да се одвива преку од нив назначени посредници. Во конкретниот случај, во тој период, се водеа преговори од моја страна со лицето О.К. да стане соработник – сведок во една нова предистрага која ја водевме во Обвинителството, заедно со еден од моите помошници обвинители“, пишува Јанева.

Сепак, малкумина ѝ поверуваа на Јанева дека нејзината цел требало да ги оправда средствата, односно таа да го надитри Камчев. Професорот Гордан Калајџиев вели дека правно секој може да биде соработник на правдата, но поверојатно му е дека со ова Јанева се обидува неуспешно да се извлече.

„Секој може под определени услови да биде заштитен сведок или т.н. соработник на правдата“, вели професорот.

Но, покрај Јанева, соопштенија пишуваше и обвинителката која го работи случајот „Империја“, Лиле Стефанова, за која Јанева вели дека не ја држи редовно под контрола, но таа не може да направи ништо без неа, бидејќи сите документи коишто излегуваат од Обвинителството треба да ги потпише Јанева или нејзините заменички, Елизабета Јосифовска и Ленче Ристоска. Нејзината моќ токму таа да биде последниот филтер низ кој ќе поминуваат конечните одлуки, Јанева ја искористи за да предложи Камчев да излезе од затворот во Шутка и да замине во куќен притвор, а потоа да му го врати пасошот за да оди во Турција, како член на Управен одбор.

Во своето соопштение до јавноста, обвинителката Стефанова откри и дека Јанева барала најдоцна до 6 мај обвинителите кои ги работеле случаите „Империја“ и „Поштенска банка“ да ги затворат и осомничените да не одат во затвор.

„На 16 април 2019 година, во канцеларијата на Катица Јанева беше одржан состанок на кој таа изнесе одредени одлуки пред присутните обвинители, а кои се однесуваа на дејствија во предметите ’Империја’ и ‘Поштенска банка’. Конкретно, ни беше наложено, најдоцна до 6 мај 2019 година, до неа да доставиме писмени извештаи за штетата во двата предмета кои осомничените траба да ја платат на државата, по што предметите ‘да бидат тука затворени’ и осомничените ‘да не одат во затвор’. Меѓутоа, јас и обвинителот Бурим Рустеми изготвивме писмени извештаи во кои покрај износите на штетата, ги наведовме и  можните затворски казни согласно со Кривичниот законик, во случај на спогодување со јавниот обвинител. Дополнително, за предметот ‘Империја’ потенцирав дека е во многу рана фаза за евентуално спогодување и дека истрагата треба да продолжи во следниот период“, пишува Стефанова.

Спогодбата за која зборуваат Јанева и Камчев најверојатно е истата спогодба за која зборувала Јанева на овој состанок. Клучната реченица во ова соопштение на Стефанова е дека нејзиниот став на колегиумот бил дека предметот „Империја“ е во многу рана фаза на спогодување. По овој колегиум, односно во втората половина на април, Камчев отишол и му се пожалил на премиерот Зоран Заев. Премиерот, пак, прв го пријавил рекетот, а Камчев лично отишол во Обвинителство и ги доставил сите снимки што ги имал. Сега треба да се открие зошто Камчев, кој преговарал со Боки 13 уште од месец ноември, кога беше притворен, решил сè да предаде во Обвинителството? Дали договорот се изјаловил или Камчев имал однапред смислен план?

Камчев во јавноста се појавува многу малку, но доволно за да се процени дека игра со секоја власт. Во децениското владеење на ВМРО-ДПМНЕ постојано се споменуваше неговата поврзаност со шефот на Управата за безбедност и контраразузнавање, а истрагата што ја презентираше Стефанова пред медиумите потврди дека Камчев бил мозокот на нелегалните бизниси, а Мијалков бил моќникот. Кога Мијалков ја изгуби моќта, а Камчев беше повикуван во СЈО, во интервју за портал пред референдумот побрза да каже дека тој ќе гласа за промена на името на земјава. Пред референдумот, тој го нарече премиерот Зоран Заев најхрабар лидер и изјави дека сака да ја види Македонија во НАТО и Европската Унија.

„Тоа се вредности во кои сите ние ќе добиеме десет пати повеќе придобивки од она што го имаме денеска. Сето тоа не го кажувам само јас, ниту само Заев, тоа ни го кажа целиот свет! Светски лидери како Меркел, Курц и Могерини, кои дури и дојдоа кај нас“, вели Камчев во интервјуто, кое беше дочекано како негово додворување на новата власт. Во истото интервју тој се оградува и од својот долгогодишен пријател, Мијалков, со кого се скара по падот на неговата моќ.

„Точно е дека бевме пријатели, веќе не сме, а причините се различни во однос на тоа што се шпекулациите, но тоа останува меѓу нас двајцата“, вели Камчев. Но и покрај ова интервју, Камчев беше приведен, а за него реагираше  Бугарија, земјата со која има тесни бизнис-релации. Последното негово појавување во јавноста беше пред еден месец, кога дојде да сведочи за случајот „Тортура“, во кој еден од обвинетите е токму Мијалков. Очигледно, за неколку месеци повторно ги сменил ставовите и  од европски бизнисмен, станал патриот, а на прашањето на судијката дали е државјанин на Република Северна Македонија, тој одговори: „Само Македонец“.

Обвинителката Лиле Стефанова денеска треба да се појави на судењето за случајот „Титаник“, односно за изборните нерегуларности на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, сите криминали на минатата власт сега ги потисна новата афера. За неа Стефанова ќе даде исказ во вторник во Обвинителството, а по неа конечно ќе биде повикана и Јанева.

Фросина Факова-Серафиновиќ