Кој најмногу патува во странство: во Шведска и Холандија повеќе од 99 отсто, во Индија само три отсто
Разликите во искуството на меѓународното патување низ светот се огромни – додека во Шведска и Холандија речиси секој возрасен патувал во странство барем еднаш, во Индија тоа го направиле само три проценти од испитаниците.
Според податоците од Истражувачкиот центар Пју, визуелизирани од Visual Capitalist, повеќе од 99 отсто од возрасните анкетирани во Шведска и Холандија посочиле дека патувале надвор од нивната земја, ставајќи ги овие две земји на врвот на листата од 24 испитани земји.
Веднаш зад нив е Германија со 96 отсто, додека во Велика Британија 94 отсто од испитаниците патувале во странство. По нив следуваат Канада со 92 отсто, Франција со 90 и Австралија со 88 отсто.
Висок удел забележал Израел, каде 87 отсто од испитаниците патувале надвор од земјата, Италија со 86 отсто, Шпанија со 84 и Унгарија со 83 отсто.
Во Грција и Јужна Кореја тој удел е по 79 отсто, додека во САД 76 отсто од возрасните изјавиле дека барем еднаш патувале во странство.
Податоците покажуваат и интересен исклучок меѓу земјите со високи приходи. Во Јапонија, 65 отсто од испитаниците патувале во странство, што е значително помалку отколку во повеќето други развиени земји вклучени во истражувањето.
Во Полска тој удел е 66 отсто.
На другиот крај на листата се земјите каде меѓународното патување сè уште е искуство на помал дел од возрасната популација.
Во Аргентина 37 отсто од испитаниците патувале во странство, во Кенија 28 отсто, Јужна Африка 23, Мексико 21 и Бразил 13 отсто.
Уште пониски се Нигерија со девет и Индонезија со шест проценти.

Најмал удел е забележан во Индија, каде што само три проценти од анкетираните возрасни изјавиле дека патувале во странство.
Податоците укажуваат на јасна поврзаност помеѓу нивото на приход и зачестеноста на меѓународните патувања – жителите на земјите со повисоки примања генерално почесто патуваат надвор од границите на нивната земја.
Сепак, приходот не е единствениот фактор што влијае на резултатите. Важна улога играат и географската локација, големината на земјата, како и близината и пристапноста на другите земји.
Поради оваа причина, зачестеноста на меѓународните патувања може значително да се разликува дури и меѓу земјите со слично ниво на економски развој.
Податоците се засноваат на истражувањето на Pew Research Center спроведено во 2023 година во 24 земји, додека Visual Capitalist ги претстави резултатите според уделот на возрасните кои изјавиле дека патувале надвор од нивната земја барем еднаш.