Кој македонски дизајнер креира уникатни парчиња за македонската естрада?


Тамара, Викторија Лоба, Лозано, Биг Мама, Елена Стефановска, Кристина Арнаудова, Теа, Ведрана се само дел од познатите личности за кои битолскиот дизајнер Андреј Папаз креира уникатни парчиња. Тој за сите нив дизајнира специјални креации за настапите, концертите, јавните говори, видео записите, емисиите, како и за нивните гламурозно чекорења на црвениот тепих за гала настани.

„Соработката со јавни личности е уште еден предизвик во тоа што го работам, и ме прати во текот на целото досегашно работење како моден дизајнер. Да се креира за некого кој веќе е јавно експониран и публиката веќе има оформено слика за таа личност, си носи свои барања и одговорности. Моите соработки со естрадата главно се врзани со јавни настани, каде создавањето на една креација зависи од повеќе нешта, пред се каков ефект сакаме да постигнеме кај публиката,  каков е настанот, а некогаш сето тоа знае да бара и подетално истражување и предвивдување на сцена, светло, бои… Особено ги сакам соработките за спотови и фотосесии преку кои креативноста може да дојде повеќе до израз“, вели Папаз.

За оваа година Папаз подготвува уникатна ревија и соработка со македонски брендови. Негова тековна работа е ангажманот кој го има на Факултетот за дизајн и мултимедија, отсек моден дизајн при Универзитетот ФОН и костимограф за дел од театрите во нашата земја.

Како прв сериозен проект на кој работел е „Македонски идол“, а потоа се случува и Евросонг во 2013 година, каде заедно со неговата колешка Викторија Арсовска го креираат костимот на Влатко Лозаноски. Својата кариера ја продолжува со голем број на костимографии за претстави ширум македонските театри, а и костимографии за телевизиски серии. Тука се костимографиите за претставите Кралски игри во битолскиот театар, Лазаревото писмо, во штипскиот театар, Тирамису во велешкиот,  Интрига и љубов во Куманово, као и проектот 5+ Фамилија, серијата за Петко, која е најголем бренд меѓу децата во Македонија.