Кој ли го следи Мицкоски?


Иако нема информации дека против опозицискиот лидер Христијан Мицкоски во моментов се води каква било кривична постапка, во која било фаза, тој јавно соопшти дека стравува од апсење кое, како што оценува, би било политички мотивирано. Во интервју на Алфа, говорејќи за последната полициска акција во која беа уапсени и неколку вмровски функционери, меѓу кои и членот на извршниот комитет Димитар Димовски, Мицкоски соопшти дека наводно е следен од полицијата. Со тоа предизвика жестоки реакции од премиерот Зоран Заев, но и од вицепремиерот Оливер Спасовски, кои ги оценија како „глупости“ и „лаги“ тврдењата на опозицискиот лидер.

„Имам јасен план во таков случај. Свесен сум дека може да дојде до тоа. Сум разговарал со луѓе од моето семејство дека од Заев и луѓето околу него сè може да се очекува. Ова е апел до луѓето од специјална единица од МВР кои се врткаат околу мојата куќа, со изговор дека го набљудуваат блискиот училиштен двор. Знам која е целта на оваа деспотска власт. Мислам дека во тие сценарија ќе биде некој план за приведување на лидерот на опозицијата и други блиски соработници околу него“, рече Мицкоски.

Тој упати апел до, како што рече, граѓаните и оние од раководството на ВМРО-ДПМНЕ кои ќе останат, да продолжат да се борат и да не носат одлуки под емоција.

„Никој не се надеваше дека толкави глупости може да се кажат. Ако се бориме за правна држава, треба да оставиме правните процеси да течат“, беше првата реакција на Заев по интервјуто на опозицискиот лидер.

Премиерот рече дека сите имаат обврска да дадат придонес за враќање на правната држава, а пресумпцијата на невиност мора да се почитува.

„Однапред да давате квалификации за некој дали има вина или не, дали некој нешто нарачувал или не…, е срамота“, потенцира Заев.

Од МВР, пак, реагираа со демант на изјавата на Мицкоски дека полициски службеници го следат од политички мотиви и подготвуваат негово апсење.

„Злоупотребата на МВР беше карактеристика токму на партијата чиј претседател е Мицкоски и токму поради тоа во изминатите две години во МВР се спроведоа и се во тек реформи кои имаа за цел искоренување на незаконските дејствија“, стои во демантот од МВР. Од Министерството посочија дека на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на негово барање, од минатата година му е доделено обезбедување од припадници на полицијата.

Минатата седмица обвинителството отвори истрага со која се опфатени 11 лица за нелегална продажба на државно земјиште спроти Градскиот парк, а на една од спорните парцели требало да се градат шпанските скали. Меѓу осомничените на кои им е одреден притвор, покрај поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и претседателот на општинскиот комитет на Аеродром, е и Димитар Димовски од ИК на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше државен советник во Министерството за транспорт и врски. Димовски важи за еден од најблиските соработници на Мицкоски.

Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, пред неколку месеци, го посочи Димовски како еден од сопствениците на Енерготек ДОО Скопје.

„Се дозна како конзорциумот, во кој удел има Мицкоски, добил согласност за користење вода и закуп на земјиште за изградба на хидроцентрали од Владата на Никола Груевски, во 2015 година, во време кога бил негов советник за енергетика. Но овие шеми се надградени и проширени со други членови на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, кои имаат удел во сопствеништвото на компанијата ‘Енерготек’ ДОО Скопје“, тврдеше Костадинов есента минатата година, посочувајќи притоа на Димовски.

За случајот со хидроцентралите на Мицкоски се знае единствено дека предмет отвори Антикорупциската комисија, пред вториот круг од претседателските избори. ДКСК требаше да испита како лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во време додека бил директор на ЕЛЕМ и советник за енергетика на поранешниот премиер Груевски, добил под концесија државно земјиште од 33 илјади квадратни метри и концесија за користење води за изградба на хидроцентрали како сопственик на фирмата „Енерготек“ ДОО Скопје.

Соговорници од раководството на ВМРО-ДПМНЕ велат дека немаат сознанија дека против Мицкоски се води некоја кривична постапка пред органите на прогонот, со исклучок на предметот што го отвори ДКСК. На прашање кои се тогаш причините поради кои Мицкоски ја предупредува јавноста дека би можел да биде уапсен и се сомнева дека е следен, од партијата велат дека каде и да одел опозицискиот лидер во близина секогаш се појавувале луѓе од МВР. Кога ќе ги прашале што прават тука, тие објаснувале дека гонат дилери на дрога или крадци. Исто така, според соговорници од ВМРО-ДПМНЕ, домот на Мицкоски во последно време постојано бил под надзор на полицајци, кои објаснувале дека го набљудуваат блискиот училиштен двор, Тоа, според нашите соговорници, било невообичаено затоа што Мицкоски цело време живее во истата куќа, која претходно не била под „надзор“, а и поради тоа што станува збор за мирна скопска населба. Соработници на Мицкоски, исто така, велат дека имаат информации дека се „чешлале“ сите документи што ги потпишувал опозицискиот лидер додека беше директор на ЕЛЕМ, ама дека власта не можела да најде ништо за да покрене кривична постапка.

Димитар Димовски

И последната истрага, со која е опфатен Димовски, предизвика остри реакции од ВМРО-ДПМНЕ и обвинувања дека станува збор за политички прогон. На слични реакции, па и протести, наидуваа и други случаи на отворање истраги или подигање обвиненија против поранешни или актуелни функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа особено беше нагласено за судскиот процес за насилствата во парламентот на 27 април 2017 година и за повеќето предмети на СЈО – институцијата на која моментно ѝ се „врзани рацете“ – најмногу поради тоа што ВМРО-ДПМНЕ, со барања кои упатуваат на обиди за амнестија, го блокира донесувањето на новиот закон за јавното обвинителство. Највпечатлив пример за неможноста на СЈО да постапува по предметите што произлегоа од масовното нелегално прислушување е случајот „Талир“, кој директно се однесува на ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија на власт во периодот на масовното прислушување. Овој предмет е отворен поради сомневања за нелегално финансирање на партијата и за нерегуларности при изградбата на новото и мошне раскошно партиско седиште. Ниту во овој предмет, како и во сите други досегашни на СЈО, не е опфатен Мицкоски. Тој, всушност, стана дел од естаблишментот на ВМРО-ДПМНЕ во последната година од владеењето на партијата, кога и беше именуван за директор на ЕЛЕМ, а за генерален секретар на партијата беше избран набрзо по смената на власта. Кусиот директорски стаж и влегувањето во партискиот врв по заминувањето во опозиција, беа посочени како негова предност при изборот за наследник на Груевски на кормилото на ВМРО-ДПМНЕ, а наспроти „големите хипотеки“ на многумина од претходното партиско раководство кои со години беа на високи државни функции, за на крај да бидат „запишани“ како осомничени или обвинети – најчесто во папките на СЈО.

Александра М. Митевска