Кој лаже за Буча?


Официјална Москва ги отфрли обвинувањата за стотици мртви цивили во Буча, тврдејќи дека кога руските сили го напуштиле градот немало тела на улиците, иако градот со недели беше изложен на силни бомбардирања и борби.  Истражувачки тим на „Њујорк Тајмс“ нивните тврдења ги демантираше со сателитски снимки направени многу пред повлекувањето на руските војници на кои се гледаат истите тела на загинатите цивили  на улицата „Јоблонска“ и  целосно во истите позиции како објавените изминатите денови.

Овие сателитски снимки, до кои дојде „Њујорк Тајмс“ ги побиваат целосно тврдењата на Кремљ бидејќи покажуваат дека многу цивили биле убиени пред повеќе од 3 недели, кога Русија го контролирала градот. Снимките покажуваат дека најмалку 11 тела видени на улица во Буча на видеото од 2 април биле на улица од 11 март – кога руските сили го окупирале градот.

Русија тврди дека сликите се „уште една измама“ и повика на итен состанок на Советот за безбедност на ОН за, како што рече, „провокации на украинските радикали“ во Буча.

Исто така, видео снимено од член на локалниот совет на 1 април покажува повеќе тела расфрлани по улицата „Јаблонска“ во Буча. Сателитските снимки доставени до Тајмс од Maxar Technologies покажуваат дека најмалку 11 од нив биле на улица од 11 март, кога Русија го окупираше градот.

За да потврди кога се појавиле телата и кога цивилите најверојатно биле убиени, тимот за визуелни истраги на „Њујкрк Тајмс“ спроведе анализа пред и потоа на сателитски снимки. Сликите покажуваат темни предмети со слична големина на човечко тело кои се појавуваат на улицата помеѓу 9 март и 11 март. Предметите се појавуваат во прецизните позиции во кои беа пронајдени телата откако украинските сили ја вратија Буча, како што покажува снимката од 1 април. Понатамошната анализа покажува дека предметите останале во таа положба повеќе од три недели.Причините за смртта се нејасни. Некои од телата се покрај нешто што изгледа како ударен кратер, а другите се во близина на напуштени автомобили. Три од телата лежат покрај велосипеди. На некои рацете им се врзани зад грб со бела ткаенина. Телата се расфрлани на повеќе од половина километар од улицата „Јаблонска“, така што руските тврдења дека убиените се Украинци кои се егзекутирани од украинските сили бидејќи соработувале со Русите  со снимката од сателитот се демантираат. 

Второто видео снимено на улицата „Јаблонска“ покажува уште три тела. Еден маж лежи покрај велосипед, друг во близина на напуштен автомобил. Сателитските снимки покажуваат дека напуштените автомобили и телото во близина се појавуваат помеѓу 20 и 21 март.

Ова се само дел од цивилните тела откриени од саботата. Агенцијата Асошиетед прес објави слики од најмалку шест мртви мажи кои лежат заедно во задниот дел од деловна зграда, некои со врзани раце зад грб. Зградата е една милја западно од другите жртви пронајдени по улицата „Јаблонска“. Уште една милја понатаму, фотограф на „Тајмс“ откри тело на маж со прострелна рана на главата што лежеше покрај велосипед.

На порталот  „warсonfakes.com”,  кој постои од денот кога почна војната на Русија со Украина и зад кој очигледно стои Москва, вчера беа објавени дури шест текста со кои се тврди дека приказната за убиените во Буча е лажна вест. Текстовите целосно се на линија на обраќањето и на рускиот амбасадор во ОН, кој целиот случај го оцени како антируска монтажа. На сајтот, кој се следи масовно и од Македонија и се шири руската пропаганда, се изнесуваат наводни докази дека мртви цивили во Буча немало додека биле таму руските сили, дека се убиени дополнително, па и дека не се убиени туку глумат дека се мртви, бидејќи имало поместување на едно од телата на фотографиите, а и не биле доволно вкочанети или распаднати ако се веќе мртви четири дена ( а се три недели). Патем во Украина температурите се зимски и паѓаше снег деновиве. Во текстот „Што всушност се случи во Буча“  стои:

„И покрај фактот дека  руските војници почнаа да ја напуштаат Буча уште на 31 март, објавите за големиот број цивилни жртви оставени зад нив се појавија дури доцна вечерта на 2 април и утрото на 3 април (н.з. видео со жртвите на Твитер всушност се појави веќе на први април).Токму ова временско заостанување предизвикува голем сомнеж, бидејќи претходно украинската страна многу брзо и точно ги разработуваше сите такви „факти“. Има чувство дека овојпат  повлекувањето е искористено за да се подготви најголемата провокација од породилиштето Мариупол“, пишува во текстот со кој се демантираат вестите за мртвите.

Понатаму се тврди дека на видеото со „лош квалитет“ објавено првично се гледало движење на рака , а на ретровизорот на автомобилот од кој била снимана улицата наводно положбата на едно од телата била различна  во првата и подоцна објавената снимка, што сателитските снимки на „Њујорк Тајмс“ исто така го демантираат. Друг аргумент е дека во првото обраќање за ослободувањето на Буча градоначалникот не споменал никакви мртви туку за нив се дознало по четири дена, а дотогаш на новинарите не им бил дозволен пристап на „Јаблонска“.  Инаку, прес центарот во Киев организира тури со странски новинари од повеќе медиуми до ослободените територии бидејќи се минирани, вклучувајќи ги и телата на мртвите по улиците, така што тоа стана можно откако беше направена проверка на теренот, а се уште не е можно во сите делови на ослободената Буча, кои се заградени со ленти. Уште повеќе, рускиот фејк њуз портал тврди дека мините на телата се ставани од украинските сили и на видеото тие ги влечат мртвите со кабли за да задржат, како што изгледа, безбедна дистанца ако експлодираат, но премногу се блиску според руската проценка, ако навистина има мини на нив. 

„Ова видео што беше прикажано на украинската телевизија, заслужува посебно внимание. Војниците влечат тело зад себе, што наводно е начин да се заштитат, бидејќи во борбени услови често ставале мини на телата на загинатите. Кога има навистина мини,  на телото е прикачена  врвка која го активира детонаторот. Сепак, сите опции наведени погоре имаат закана од удар на значителни растојанија (до 25-100 метри, во зависност од видот на стапицата поставена под трупот), а во видеото не само што кабелот е 3-5 метри долг, туку и проверката исто така не се прави од зад засолништето. Никој не минира тела на таков начин, што најверојатно укажува дека видеото е инсценација“, пишува порталот.

Во истиот текст е објавено видео во кое се слуша наводна комуникација на војниците од територијалната одбрана во која еден војник го прашува другиот:

„Има момци без сини ленти, може ли да пукаме во нив?“ – на што другиот одговара „да“, што за овој извор е потврда дека тие што биле со бели ленти биле убивани од украинска страна, иако градот беше под руска опсада. Сините ленти инаку се обележје за украинските војници за да се разликуваат од руските. 

На крајот уште се тврди дека да имало мртви цивили во Буча (а како е можно да нема по толку бомбардирања?), жителите имале мобилни телефони и можеле да пратат фотографии и пред да се ослободи местото. И тоа се тврди во ситуација кога Москва воведе тотална интернет цензура на своите граѓани, а според овој аргумент им оставила пристап до комуникациите на Украинците – за да го известуваат светот како ги убиваат, па и на кои позиции се руските војници, колку се и со какво оружје.