Кој колку ќе добие од третиот пакет мерки вреден 355 милиони евра

Третиот пакет економски мерки е за нова развојна македонска економија, за директна поддршка на граѓаните и на стопанството, за поттикнување на приватната и јавната потрошувачка на основите на солидарноста и социјалната сигурност, велат од Владата

Владата денеска го претстави третиот сет економски мерки за кој очекува дека ќе придонесе за закрепнување на македонската економија и излез од кризата предизвикана од коронавирусот. Вкупниот износ на средства за граѓаните и компаниите изнесува 355 милиони евра и со него ќе бидат опфатени 730.000 корисници.

Со овој сет мерки се оди еден чекор понатаму, а тоа е ревитализација, закрепнување на економијата, стимулирање на потрошувачката и на индустријата и е директна помош од државата и на граѓаните и на стопанството“, рече премиерот Оливер Спасовски на прес конференција на која ги образложи мерките. Тој додаде дека економските мерки се дискутирани и усогласени со експерти, со стопанските комори, синдикатите и нивното креирање е направено максимално транспрентно и во целосно инклузивен процес.

Третиот сет мерки се темели на три столба.

Платежни картички и по 9.000 денари помош за 100 илјади граѓани

„Во првиот столб од третиот пакет воведуваме платежни картички за граѓаните за поголема потрошувачка за развој на домашните економски дејности. Околу 100.000 граѓани ќе добијат платежни картички од 9.000 денари и тие ќе бидат достапни за сите невработени, приматели на гарантирана минимална помош. Со тоа се зајакнува домашната потрошувачка се зголемува и куповната моќ и безготовинските плаќања, рече Спасовски.

Оваа платежна картичка ќе се однесува само за домашни компании, прозиводители и услуги во период од 30 дена, а во износ од 16 милиони евра.

Ваучер за домашен туризам од 6.000 денари и домашна платежна картичка од 3.000 денари

Натаму, Спасовски објави дека 100.000 граѓани ќе добијат ваучер за домашен туризам од 6.000 денари и и домашна платежна картичка од 3.000 денари, со цел јакнење на домашниот туризам. Оваа мерка ќе можат да ја користат сите вработени граѓани што примаат нето плата помала од 15.000 денари и немаат други приходи. Ваучерот, појасни, ќе може да се користи во домашните хотели и други сместувачки капацитети, а со платежната картичка се поттикнува купување домашни производи и услуги.

Поддршка за 100.000 млади луѓе во износ од 12 милиони евра

Спасовски најави и помош за над 100.000 млади луѓе во износ од 12 милиони евра, што ќе можат да ги искористат преку повеќе видови помош.

Мерката опфаќа парична поддршка за студентите и средношколците од 100 евра и платежна домашна картичка од 50 евра. Со оваа мерка се таргетираат 100 илјади корисници, а вредноста на мерката е девет милиони евра.

Мерката опфаќа ваучери од најмногу 100 евра за покривање на партиципација во Универзитет, како и сместување во студентски, ученички домови и регистрирани сместувачки капацитети за студенти и средношколци. Мерката вклучува и платежна картичка за студенти и средношколци, во вредност од 50 евра за домашни производи и услуги.

Мерката за млади вклучува и ваучери од 30.000 денари за кофинансирање обуки, тренинзи и курсеви за ИТ и дигитални вештини за млади, со што ќе бидат финансиски поддржани да стекнат знаења и вештини од областа за информатичката технологија кои ќе им овозможат брзо вработување.

Оваа мерка ќе опфати од 7.000 – 10.000 млади до 29 години, во вредност од три милиони евра.

Викенд без ДДВ за сите граѓани

– Воведуваме викенд без ДДВ за сите граѓани, преку поевтини цени за граѓаните. Поттикнуваме потрошувачка и раст на приходи во одредени продажни сектори како што се продавници за гардероба, бела техника, мебел, санитарија, школски прибор и книги. Очекуваме дополнителен приход од 20 милиони евра кои ќе се слеат во македонското стопанство, посочи Спасовски на прес-конференција.

Паричен надоместок за сите лица кои останале без работа

Натаму, истакна тој, ќе има паричен надоместок за сите лица кои останале без работа од 11 март до 30 април 2020.

– Со оваа мерка им даваме можност за паричен надоместок, на сите лица кои ја изгубиле својата работа вклучувајќи ги и оние кои го прекинале својот работен однос преку писмена изјава, спогодбено, но и добиле отказ од работодавачот. Оваа мерка ги опфаќа лицата кои останале без работа во периодот од 11 март до 30 април кои имаат престанок на работа по основ на невработеност за давање на писмена изјава за престанок на работниот однос, спогодбен престанок на работниот однос и за престанок на работниот однос со отказ од страна на работодавачот, рече Спасовски.

Мерки за стопанството – 31 милион евра за жените, младите и дигитализацијата во бизнисот

За стопанството, Спасовски најави нови бескаматни кредити преку Развојната банка.

– Бескаматни кредити за фирми преку Развојната банка во вредност од 31 милион евра – поддршка за жените, младите и дигитализацијата во бизнисот. Оваа бескаматна кредитна линија во вредност од 31 милион евра ќе биде достапна за сите микро и мали компании, а истата ќе понуди и 30 отсто грант (неповратни средства) за оние компании кои се водени или основани од жени или вработуваат млади лица, се извозно ориентирани или воведуваат иновација и дигитализација во нивното работење, истакна тој.

Државна гаранција за комерцијални кредити

Натаму, Според Спасовски, е државната гаранција за комерцијални кредити за поддршка на Старт ап и мали и микро компании. Државата става на располагање финансиски средства од 125 милиони евра на извозно ориентираните компании, за поддршка и преземање на дел од ризикот за комерцијалниот кредит. Како и гаранција за обезбедување на царинскиот долг – за поголем извоз и полесен пристап до суровини за домашните компании. Со гаранцијата за обезбедување на царинскиот долг, посочи тој, го поддржуваме извозот и го олеснуваме пристапот на суровини за преработка на македонските компании во износ од околу 25 милиони евра, преку Развојната банка на РСМ.

За нови пазари, конкурентност и модернизација – 25 милиони евра

Најави и нови 25 милиони евра за приватниот сектор – за нови пазари, конкурентност и модернизација. Согласно Законот за финансиска поддршка, истакна тој, со 25 милиони евра преку програмата за зајакнување на конкурентноста на индустријата им помагаме на компаниите за освојување на нови пазари, зголемување на нивната конкурентност, како и модернизација на процесите.

Дигитална платформа за нови пазари за текстилните компании. Со финансиска поддршка од еден милион евра ќе им помогнеме на овие индустрии да креираат платформа на која ќе може да ги пласираат своите производи на нови пазари.

Македонско село прераснува во Старт-ап село

Спасовски најави и нови 1,6 милиони евра за развој на иновативни продукти и услуги преку ФИТР, како и трансформирање на македонско туристичко село во скопско Нерези во македонско СТАРТ АП село, со што како што рече, директно го стимулираме отворањето нови сопствени бизниси.

Кофинансирање на настани и конференции до 30.000 денари

Најави и кофинансирање на настани и конференции со 50 отсто финансиска поддршка од државата најмногу до 30.000 денари. – Со финансиска помош од 245 илјади евра ќе им помогнеме на компаниите преку субвенционирање на 50 отсто од трошоците за организација на настани, обуки и конференции, до максимален износ од 30.000 денари, рече тој.

Мерки за аграрот – субвенционирање на 50 отсто од зелената нафта за земјоделците

Спасовски најави и поддршка на аграрниот сектор од пет милиони евра преку Развојната банка, со кои ќе се поддржат микро, малите и средни претпријатија кои вршат примарно производство, преработувачите и извозот на примарни и преработени земјоделски производи.

– Платежна картичка за субвенционирање на 50 отсто од зелената нафта за земјоделците. По ланското субвенционирање од 30 отсто, со оваа мерка го зголемуваме субвенционирањето на потрошувачката на зелена нафта на 50 отсто. Оваа мерка ќе опфати 50.000 земјоделци, а вредноста е 4.6 милиони евра, рече тој.

За производство на алкохолен дестилат 3,5 милиони евра

Ќе се стимулираат и преработувачите на грозје за производство на нови продукти, а преку оваа мерка, како што истакна, ги стимулираме преработувачите на грозје и винариите да произведуваат алкохолен дестилат кој ќе се користи од страна на домашните хемиски компании за производство на средства за дезинфекција. Во следните три години, нашата финансиска поддршка ќе изнесува 3,5 милиони евра.

Јавни приватни партнерства во лозарството и тутунскиот сектор

– Овозможуваме јавни приватни партнерства во лозарството и тутунскиот сектор. Преку модернизирање и ставање во функција на капацитети во производство на преработки од тутун и грозје со цел понатамошно уште посилно развивање на лозарството и тутунскиот сектор, како земјоделски гранки кои се повеќе и повеќе извезуваат. Оваа стратешка определба ќе донесе голем бенефит, првенствено за македонските лозари и тутунари, но и за самата држава и бруто домашниот производ. На краток рок, очекувањата за инвестициите треба да достигнат 10 милиони евра, објави Спасовски.

Нови инвестиции во земјоделството

Окрупнување на земјоделско земјиште за поголема конкурентност на македонското земјоделство, со што ќе се стави во функција на целокупното земјоделско земјиште како и охрабрување на домашното земјоделско производство, но и нови инвестиции во овој сектор. – Од оваа мерка очекуваме приходи од 250 милиони евра во следните три години и зголема конкурентност на македонското земјоделство, истакна тој.

Преку мерката долгорочен закуп на пасишта, како што појасни, овозможуваме издавање на пасиштата на долгорочен закуп со што сточарите ќе имаат на располагање околу 500.000 хектари пасишта за напасување на добитокот.

Финасирање на Страт ап семејни винарии и фарми

– Со три милиони евра ќе овозможиме финасирање на Страт ап семејни винарии и фарми на кои ќе им бидат достапни грантови до 10.000 евра за опрема за преработка но и за маркетинг на растителни, млечни и месни производи. А со модернизација на земјоделството преку кредит на Светска банка од 50 милиони евра ќе овозможиме модернизација на македонскоот земјоделството со цел зголемување на конкуретноста и профитабилноста, истакна тој.

Награда од 20 отсто од платата за најизложените здравствени работници

На крајот тој најави и награда од 20 отсто од основната плата на најизложените здравствени работници за два месеци.

– За докторите и медицинскиот персонал на инфективните клиники и одделенија, клиниката за инфективни болести, институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје, како сите членови на тимовите од итна медицинска помош, објави Спасовски.

Првиот и вториот пакет мерки беа насочени првенствено кон спас на работните места, додека третиот сет е за директна финансиска поддршка за стимулирање на потрошувачката, награда за лекарите и медицинскиот персонал на лекарите и инфективните одделенија, по принципот никој да не биде изоставен.

– Третиот сет мерки се краткорочни и среднорочни мерки за македонската економија, заштитата, промоцијата и растот на домашната економска понуда. Сите три пакети во својот фокус ги имаа граѓаните на нашата земја, нивните работни места, социјална сигурност за полесно надминување на економските последици од коронавирусот, рече Спасовски истакнувајќи дека тој ќе се однесува на сите социјално ранливи категории, невработени, здравствен сектор, како и граѓани од други категории.

Премиерот посочи дека Буџетот за 2020 година бил креиран за развој на човечките ресурси, но за жал, како што рече, Ковид-19 удри токму по здравјето и животот на граѓаните, оттаму и ваквиот одговор на заканата кој го поттикна креирањето на третиот пакет мерки во насока на економска и социјална сигурност и поттик на јавната потрошувачка.