Кој (ќе) нѐ владее?

ИЛО ТРАЈКОВСКИ

Во политиката воопшто, а во политиката во услови на слаби и заробени институции, лојалноста е поважна од компетенциите и интегритетот

 

Привршуваат активностите за формирање влада. Овој процес станува сѐ посложен, а со тоа и помалку транспарентен и помалку демократски. Со очекуваниот формален чин на избор на владата во Собранието ќе биде ставена точка на едни, а ќе биде означен стартот на други видови политички активности поврзани со владеењето. Ќе знаеме кој ќе нѐ владее во наредните неколку години. Тогаш зошто да трошиме време со прашањето? Да почекаме уште неколку дена и ќе си знаеме кој ќе нѐ владее. Но, што ќе дознаеме?

Откако ќе се избере влада ќе биде познато кои конкретни личности ќе ја извршуваат функцијата на наши „владетели“. Би се рекло ќе го спознаеме ликот или, поточно ликовите на новата извршна власт. Персоналниот состав е моторот за функционирање на владата, а со тоа и на целата државна машинерија. Ликот на власта е секако важен аспект на владеењето. Но, во општество во кое само уште малкумина останаа со образ, со интегритет и углед, ликот е фасада која ги крие вистинските владетели. Токму затоа фасадерството наречено ПиАр станува толку важен политички инструмент во ова дигитално, фотошоп, време.

За ова зборува големиот интерес на јавноста за тоа кој се токми или кого токмат за член на владата. Во врска со повеќе конкретни персонални решенија чувме и прочитаме бројни критики, не само од заинтересираната надворешна јавност туку и од внатрепартиските кругови – тој/таа ли за министер! „Како ги бираат“, „Како ги наоѓаат вакви?“ или „Кај баш него/неа“. Критиките се водат главно од неколку, претпоставено важни критериуми за селекција на функционерите на владата. Најчесто им се мери степенот и соодветноста на образованието, искуството, компетентноста, персоналниот интегритет и  слично.

Според мене, иако ваквите оценки се во духот на идејата за доброто владеење, сепак, тие ја превидуваат главната димензија на процесот на селекција на кадрите во услови на капиталистичка економија и претставничка демократија. Таков клучен критериум е лојалноста кон капиталот, во сите негови форми – економски, политички, социјален, човечки. Во политиката воопшто, а во политиката во услови на слаби и заробени институции, лојалноста е поважна од компетенциите и интегритетот. Одговорот на прашањето кој конкретен лик ќе владее е условено од проценката на степенот до кој потенцијалните, пикирани или истакнати кандидати за некоја функција се податливи за подведување на нивите лични особини, способности, образовните и иксуствените компетенции под моќта, односно волјата и интересите на вистинските креатори на политиките. Членовите на владата се ликови – грди или симпатични, прашање на вкус – на вистинските владетели со земјата. Прашањето кој ќе нѐ владее во наредните години е токму за нив – за оние кои стварно владеат во услови на демократска транзиција?

Пред шеесет години еден од најпознатите политиколози, Роберт Дал, обидувајќи се да одговори на прашањето кој стварно владее со едно мало гратче (Њу Хевен) во државата Конектикат во САД, ја напиша денес антологиската книга „Кој владее демократијата и моќта во еден амрикански град?“ Со книгата, Дал се обиде да ја побие тезата на Рајт Милс дека иако формално демократски американскиот политички систем во стварноста е на лик демократски, во реалноста сета стварна моќ ја држи една надмоќна елита. Таа е составена од ограничен број луѓе од три најмоќни сектори на општеството: финансискиот, воениот и политичкиот. Тие се меѓусебно поврзани не само интересовно туку и со лични и семејни социјални врски и лојалности, градејќи една единствена моќничка елита.

Спротивно на ова, Дал докажуваше дека оние кои владеат со Америка не претставуваат една монолитна и хомогена група туку дека станува збор за повеќе елити. Затоа, за него демократијата е полиархија. Тоа значи дека различните форми на капитал, односно моќ не се концентрирани во една иста група, туку се разделени во неколку меѓусебно конкурентски групи. Тие меѓусебно се борат нивните интереси и идеи да ги направат проекти на владата. Таа меѓусебна борба е чиста конкуренција, а не и војна за уништување и на другите. Меѓу нив постои еден премолчен консензус дека ниту еден од посебните интереси не треба да биде ниту хегемониски ниту целосно игнориран или потчинет. Затоа, демократијата како полиахрија е политика на компромиси изградени врз основа на тој фундаментален консензус. Дневно-политички полиархискиот консензус се операционализира низ различни механизми на пропорционалност и умереност.

Во актуелниот процес, но и во неколкуте претходни процеси на формирање влада кај нас, се потврдува валидноста на овие две спротивставени теории. Теоријата на Роберт Дал се докажува со односите меѓу владините коалициски партнери. Лојалноста на кадрите за премиер и министри во рамките на владината коалиција се испитува со тест за етничка подобност. Клучен механизам за тоа е пропорционалниот изборен систем. Тој е воведен со цел да се остави впечаток дека ниту една засебна сила во општеството нема апсолутно мнозинство и не формира монолитна владејачка група. Тој се заснова на идејата дека уделот во власта на некоја политичка сила ќе биде пропорционален на нејзината изборна моќ. Во пракса, ова значи дека и политички партии кои претставуваат интереси на релативно помали општествени категории и групи ќе вршат непропорционално, а некогаш и одлучувачко влијание во формирањето и функционирањето на владата. Со тоа, всушност, принципот на пропорционалност се порекнува сам себеси. Кај нас за тоа сведочи диспропорционалната надмоќ на партиите на малцинските етнички заедници, особено на етничките Албанци.

Вака формираните влади оставаат впечаток во јавноста дека ни владините ни опозициските партиите и нивните водачи не се виновни за последиците од нивните одлуки, бидејќи тие им биле наметнати како услови за формирање или за одржување на владата. Тоа пак значи дека стварно владее некој друг, а не владата.

Спротивно на тоа, Милсовата теорија за монолитноста на групата која стварно владее кај нас ја потврдуваат бројните примери на меѓусебно разбирање на клучните луѓе во највлијателните сектори на македонското општество: политиката, стопанството (финансиите и реалниот сектор) и организираниот криминал (овде организираниот криминал е алтернатива на воениот и безбедносниот сектор во напреднатите земји). Корупцијата е механизмот кој ги поврзува трите сектори и врз основа на кој се бираат носителите на извршни функции. Тест на лојалноста кон моќничката елита е доказот за корумпираност и коруптивност.

На оваа стварно владеачка елита и доликува името ККК-клан, односно клан на капиталот, корупцијата и криминалот. Нашите моќници ја одржуваат и постојано зголемуваат својата надмоќ благодарение на тоа што функционерите на извршната власт од која било владејачка партија се селектирани за да водат политики усогласени со нивните интереси.

(Ило Трајковски е универзитетски професор)