Кој ќе ја прими руската вакцина не треба да пие алкохол два месеца

Луѓето кои ќе ја примат руската вакцина против Ковид-19, спутник V, мора два месеца да се воздржат од пиење алкохол, изјави шефицата на службата за заштита на потрошувачите, Ана Попова.

Инструкциите следат откако заменичката на премиерот Татјана Голикова изјави дека граѓаните треба да избегнуваат алкохол и имуносупресиви 42 дена, затоа што вакцината се прима во две дози на 21 ден, пишува Москва тајмс.

„Конзумирањето алкохол мора да престане најмалку две седмици пред имунизацијата, а оние кои ја примаат првата доза мора да се воздржат од алкохол во наредните 42 дена“, вели таа.

Доколку сакаме да останеме здрави и имаме јак имун одговор не смее да се пие алкохол во еден период, апелираше таа до своите сограѓани, кои во светот се познати како најголеми конзументи на алкохол.

Попова ги советуваше граѓаните и да не пушат пред и по вакцинацијата, затоа што чадот од цигари ги иритира градите и го намалува имуниот одговор.

По овие коментари, Александар Гинтсбург, водител на државниот истражувачки центар „Гамалеј“, кој ја разви вакцината спутник V, рече дека, иако не треба да се ужива во алкохол пред и по вакцинацијата „една чаша шампањ никогаш никому не наштетила“.

Руската акција за вакцинација почна викендов во Москва, покрај тоа што се уште поминува низ безбедносни клинички испитувања по регистрацијата. Нејзините креатори велат дека вакцината на база на аденовирус е 95 отсто делотворна.

Се проценува дека 100.000 Руси ја примиле спутник V, вклучително учесниците во тестирањето и припадниците на војската.