Кој ќе го замени Вучиќ додека се лекува?

Доколку српскиот претседател е привремено спречен да ја извршува функцијата, неговите должности и одговорности ги презема претседателот на Собранието, најмногу три месеци, како што е пропишано со Уставот на државата, јави допписникот на МИА од Белград.
Српските медиуми нагласуваат дека на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој во петокот од здравствени причини ја прекина посетата на САД и завчера беше на преглед во Военомедицинската академија, лекарите му предложиле пауза во извршувањето на неговите секојдневни обврски.
Здравствената состојба на Вучиќ е стабилна, покажаа подоцна резултатите од прегледите, но кардиологот и началник на Воената здравствена управа Драган Динчиќ изјави дека „не е реално да се очекува тој да се врати на редовните активности во следните неколку дена“.
Во тој период, формално, должностите на Вучиќ треба да ги преземе претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ.Досега нема соопштение од кабинетот на Вучиќ ниту од Брнабиќ.
„Кога претседателот на Републиката е спречен да ги извршува своите должности или неговиот мандат ќе престане пред истекот на мандатот за кој е избран, него го заменува претседателот на Народното собрание“, е утврдено во член 120 од Уставот на државата.
Во став 2 од тој член е утврдено дека „претседателот на Народното собрание може да го заменува претседателот на Републиката најмногу три месеци“.
„Изборите за претседател на Републиката мора да ги распише претседателот на Народното собрание, така што тие ќе се одржат најдоцна три месеци откако претседателот на Републиката ќе стане неспособен, односно по истекот на мандатот за кој е избран“, е утврдено во став 3 од член 120 од Уставот на Република Србија.