Внуката на Коле Штерјев, обвинителка во „Ликвидација“


Новинарот Томислав Кежаровски, шест години откако беше осуден, пак треба да седне на обвинителна клупа за случајот „Ликвидација“. На 2 јули спроти него нема да биде обвинителката Лиле Стефанова, која првично го водеше овој случај, туку обвинителката од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Марија Ѓорѓева. Стефанова сега е обвинител во Специјалното јавно обвинителство, па случајот го презеде Ѓорѓева, која на јавноста ѝ е позната како внука на претседателот на Советот на јавните обвинители, Коле Штерјев.На 24 април Државната комисија за спречување на корупција поведе прекршочна постапка против Штерјев бидејќи констатираше судир на интереси во овој случај и претседателот на Советот го казни со глоба од 500 евра.

Според Антикорупциска, и покрај тоа што на седницата на која се вршел изборот на седум јавни обвинители, претседателот на Советот во записникот истакнал дека доколку Советот би работел во полн состав би се изземал од седницата и би ја напуштил од причина што со кандидатот е во роднинска врска, тој сепак присуствувал и гласал воздржано за изборот на Ѓорѓева. Советот брои 11 членови, а за одлука требало две третини, односно осум, колку што гласале вкупно. Обвинителката Ѓорѓева беше дел од првичниот состав на СЈО, но обвинителката Катица Јанева, со образложение дека ѝ се доволни 10 обвинители, ги разреши Ѓоргева и обвинителката Лејла Кадриу. Таа се врати во скопското обвинителство, а потоа беше унапредена во Обвинителството за организиран криминал.

Претседател на Судечкиот совет на повтореното судење за „Ликвидација“ ќе биде судијата Осман Шабани кој води неколку случаи на СЈО. Здружението на новинари на Македонија застана зад Кежаровски и откако Врховниот суд ја укина пресудата, побара Обвинителството да го повлече обвинението. За повтореното судење реагираа и пратеничката Фросина Ременски и адвокатот Звонко Давидовиќ кој беше вклучен во овој случај.
„Апсурд е жртвата во судски процес, наместо да ги види на обвинителна клупа нарачателите на неговата ‘професионална ликвидација’, да докажува дека преку новинарско перо сакал да обелодени како функционирала параинституционална шема“, напиша Ременски.

„Наместо Кежаровски, на обвинителната клупа треба да седнат неколку други лица кои, за жал, седат во ОЈО, Специјалното обвинителство, Судот во Стразбур… Кежаровски, кој го разоткри наместениот заштитен сведок, доби притвор, а ‘режисерите’ на измислениот предмет унапредувања“, напиша Давидовиќ.
Законски, Обвинителството може да го повлече обвинението во која било фаза од постапката ако утврди дека нема доволно докази. Сепак, засега неизвесни се следните чекори на Обвинителството. На почетокот на месецов, Врховниот суд ги укина пресудите на Кривичниот и Апелацискиот суд за случајот „Ликвидација“ и предметот го врати на повторно судење. Кежаровски беше осуден на 4,5 години казна затвор, а потоа Апелација му ја намали казната на две години. Предметот е поврзан со убиството на Лазар Милошевски (74) во 2005 година во велешкото село Ореше.
Кежаровски во 2013 година беше осуден за откривање на идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“ во текст во списанието „Репортер 92“, со што според судот му го загрозил животот. Кежаровски во текот на судењето тврдеше дека сведокот не само што не бил заштитен, туку бил и лажен сведок, кој сведочел по налог на тајната полиција. Обвинителството пак тврдеше дека има доволно докази за обвинетите. (Ф.Ф.С.)