Кој ќе биде одговорен за безбедноста на депозитите во Хрватска – нови регулативи од јануари


Следната година носи голем број промени во сегашниот систем за санација на банките и за осигурувањето на депозитите во Хрватска. Имено, од 1 јануари стапува во сила новиот Закон за системот за осигурување на депозити, како и за присилна ликвидација на кредитни институции, кој е усогласен со регулативите на ЕУ и кој треба да го олесни влезот на Хрватска во еврозоната, пишува порталот Индекс.

Со новиот закон се скратува траењето на стечајната постапка на банките и се воспоставува контролиран излез на пропадната банка од пазарот. Државната агенција за осигурување на депозити и банкарска рехабилитација (ДАБ) повеќе нема да биде надлежна за санација на банките, туку тоа ќе е Хрватската народна банка (ХНБ), а санацијата на инвестициските друштва преоѓа во надлежност на Ханфа, додека осигурувањето на штедните влогови ќе остане во ДАБ. Името на ДАБ се менува во Хрватска агенција за осигурување на депозити.

Законот воведува и новини во системот на исплата на осигурените штедни влогови. Во Хрватска, да потсетиме, државата им гарантира на граѓаните и на компаниите до 100.000 евра штедни влогови, што е во согласност со практиката во ЕУ. Новиот закон, посочуваат во ДАБ, им овозможува на граѓаните и компаниите да ги добијат обезбедените штедни влогови за многу кратко време.

Исто така е пропишано дека Фондот за осигурување на депозити се состои од два дела – основен и дополнителен, а системот за осигурување н заштедите повеќе нема да се финансира на товар на даночните обврзници, туку исклучиво на товар на кредитни институции, со што државата ќе заштеди значителни средства.

„Директивата на ЕУ за системите за осигурување им наметна на сите членки дека тие мораат да формираат фонд за осигурување и да соберат најмалку 0,8 проценти од износот на осигурени депозити до 2024 година. Во Хрватска, системот за осигурување на депозити основа фонд за осигурување во 1998 година, а денес има износ од околу 2,5 проценти од осигурените депозити, што е исто така законски утврдено минимално целно ниво на фондот, поради што имаме еден од најстабилните системи за осигурување на депозити и заштита на заштедите на граѓаните во ЕУ.

Наведенето целно ниво на расположливи средства овоможува клиентите на пропадната банка да почнат да се исплатуваат во рок од седум дена по пропаѓањето, што директивата на ЕУ им ја наметнува како обврска на сите членки дури од 2024 година, така што расположивите средства се гаранција за граѓаните дека можат да ги добијат своите средства за екстремно кратко време доколку пропадне нивната банка“, рече извршиот директор на ДАБ, Марија Хребац.

Со новиот закон исто така се менува и начинот на управување со ДАБ, односно новата Хрватска агенција за осигурување на депозити. Наместо управата, клучни тела на агенцијата ќе бидат надзорниот одбор и директорот, кои ќе бидат именувани со четиригодишен мандат. Членовите на надзорниот одбор ќе ги именува владата на предлог на министерот за финансии, при што еден член ќе може да предлагаат кредитни институции, а надзорниот одбор потоа го именува директорот на агенцијата, велат од ДАБ во соопштението до медиумите.