Кој ќе биде наследник на Ангела Меркел


Посетата на германската канцеларка Ангела Меркел во германската јужна покраина Баварија, ги разгори шпекулациите во германската јавност, дека целиот настан е всушност доказ дека премиерот на Баварија, Маркус Содер, ќе биде еден вид „престолонаследник“ на канцеларскиот трон.

Повеќе од една година по германските сојузни парламентарни избори, шпекулациите за тоа кој ќе биде кандидат за канцелар на Христијанско демократската унија (ЦДУ) и сестринската баварска Христијанско социјална унија (ЦСУ), траат веќе подолго време.

Иако е актуелна трката за прв човек на ЦДУ, меѓу кои главни кандидати се премиерот на Северна Рајна-Вестфалија, Армин Ласкет и поранешниот шеф на парламентарната група ЦДУ-ЦСУ, Фридрих Мерц, јавноста има впечаток дека кандидатот за канцелар нема да потекнува од најсилната германска партија, туку од нејзината сестринска партија.

Германските медиуми веќе некое време го нарекуваат лидерот на ЦСУ и премиер на Баварија, наследник на престолот.

Се повторува бајката за царицата и принцот

Но, посетата на канцеларката Меркел на Баварија, кога тој ја возеше прво со брод, па со кочија до еден дворец, каде што се одржа средба со целата власт на Баварија, увери многумина дека тоа се „кралицата“ и „принцот престолонаследник“.

„Еднаш одамна си беше еден не толку млад принц, претприемнички и се уште со коса на главата, да го наречеме Маркус – и една прекрасна насмеана царица, да ја наречеме Ангела. Како оди оваа приказна? Не знаеме! Но, заврши на слика на која не можеше да се заобиколи магијата“, започнува со малку иронија написот на влијателниот „Франкфурт Алгемајне Цајтунг“, што детално опиша какво бајковито и кралско добредојде доби канцеларката Меркел.

Конечно има малку романтика меѓу ЦДУ И ЦСУ, проценува Коелнер Штад Анзаигер, опишувајќи како Содер ја повика Меркел да се возат во кочија до дворската сценографија.

„Така вообичаено се возат младенци, туристи или кралица. Веројатно тоа не беше алузија на Меркеловото не за (државни) стимулации за купување нови автомобили, за што Содер многу се залагаше. Попрво би било некој вид кабаретска понуда за помирување на канцеларката, која Содер и неговата партија неодамна ја обвинија за лошо работење“, пишува весникот.

Весникот додава дека баварскиот премиер е човек за сценски настап и дека е многу сериозен за тоа прашање.

Прегрнување дрвја и флертување со Меркел

„Тој ги прегрнува дрвјата кога во анкетите Зелените стануваат популарни. А бидејќи Меркел се покажа попопуларна од АфД (Алтернатива за Германија), време е за малку флертување, како од разгледница пред позадина со кралски баварски реквизити. А има и долгорочен план: кандидатот на ЦДУ-ЦСУ за канцелар се уште не е утврден“, истакна Колнер Штад Анзаигер.

Рајн Цајтунг оценува дека Содер внимателно следел кој ги загубил сите избори, одлуки или симпатии кога се борел против Меркел.

„Листата е долга. Лидерот на ЦСУ ги отфрли своите резерви и се заложи за Меркел. За возврат, на Меркел и се допаѓа неговиот претпазлив пристап кон корона-кризата. За тоа, тој доби и признание на езерото Херенкеим: „Баварија има добар премиер“, изјави Меркел. На прашањето дали Меркел суштински верува дека тој е за канцелариски кандидат, на тој начин е одговорено“, пишува дневниот весник Кобленц.

Од друга страна, „Ној Оснабрукер Цајтунг“ пишува дека „се уште не е сигурно дали ЦДУ ќе и остави на малата сестринска партија да ја преземе канцеларската кандидатура“.

„Резултатите на ЦДУ во анкетите се одлични. Всушност треба да имаат носител на листата. Ако работите се сменат, тоа нема да биде само поради силата на Содер, туку, пред се поради слабоста на можните конкуренти (во рамките на ЦДУ), пишува „Ној Оснабрукер Цајтунг“.

Според оценката на весникот Весер Куриер, сигналот е јасен дека канцеларката со посетата на шефот на ЦСУ го крена на ранг на државник.

Нема веќе вкрстени удари од Баварија

„Меѓу оние кои се обидуваат да го преземат лидерството на ЦДУ, а индиректно и канцеларската кандидатура, Меркел не гледа никој погоден да биде нејзин наследник. Таа верува дека тоа би можел да биде Содер и тоа и го покажува“, пишува дневниот весник од Бремен.

Според Фолкстајм, Меркел и Содер имаат корист од посетата.

Како што истакнаа, на шефот на ЦСУ конечно му беше дадено признание во рамки на корона-кризата, а сега секој што сака може да го смета Содер за легитимен наследник на Меркел.

„Но, барем две работи стојат на патот на баварскиот престолонаследник. Случајноста и нетрпеливоста не мора да го дефинираат како мудар лидер на 80 милиони луѓе. Покрај тоа, до изборите ќе тече многу вода од реката Изар (во Минхен) и Шпре (во Берлин), пишува Фолкстајм и додава дека користа што Меркел ја има од посетата е тоа што „не мора повеќе да смета на вообичаените вркстени удари од Баварија“.

„И може да се надева дека Содер чекајќи со месеци, сам ќе се лиши од крунисувањето“. (Ал Џезира)