Кој ја плати руската медицинска помош за САД?


Русија испрати воен авион со заштитни средства и вентилатори во Соединетите Американски Држави во средата за да и помогне на земјата да се бори со смртоносниот коронавирус. По кратко време, САД соопштија дека ги купиле медицинските материјали од Русија, ставајќи го под прашалник првичниот опис на Кремљ дека пратката била руска хуманитарна помош.Кој навистина плати за помошта околу  коронавирусот?

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, рече дека САД платиле половина од товарниот авион, додека Русија ја донирала другата половина. Кремљ  претходно ја опиша целата пратка како „хуманитарна помош“.

„Како продолжение по телефонскиот разговор на 30 март меѓу претседателот Трамп и претседателот Путин, САД се согласија да ги набават потребните медицински материјали“, се вели во изјавата на Стејт департментот.Во неа се наведува дека опремата е предадена на Сојузната американска агенција за управување со вонредни состојби (ФЕМА) во Њујорк, во која има забележано 47.439 случаи на коронавирус и 1.374 смртни случаи.

„Ова е причината зошто САД се согласија даја  набават итно потребната заштитна опрема од Русија за да и помогнат на  ФЕМА да реагира во Њујорк“, објави на твитер  државниот секретар Мајк Помпео. Но, нешто претходно Трамп рече дека „Русија ни испрати многу, многу голем авион со нешта, медицинска опрема, што е многу убаво“.

Ниту САД, ниту Русија не прецизираа колку е платено за медицинската опрема. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков,  изјави дека Путин се надева дека САД ќе возвратат со ист гест ако пандемијата со коронавирусот ја погоди Русија на слично ниво.

„Двете земји си пружаа хуманитарна помош една на друга во време на криза во минатото и без сомнение ќе го сторат тоа повторно во иднина“, соопштија од Стејт департментот. „Ова е време да работиме заедно за да се надмине заедничкиот непријател кој им се заканува на животите на сите нас, стои во изјавата.

Набудувачите оценија дека испораките, за кои Москва вели  дека Трамп ги прифатил со „благодарност“, имаат ефект на државен удар од Путин.Руската опозиција, пак, ја критикуваше пратката на медицинската опрема на Москва за САД, посочувајќи дека во моментов има недостаток на маски и медицинска опрема во болниците низ цела Русија.

„Неверојатна е приказнава со продажбата на огромно количество медицински материјали на САД, чиј недостаток се чувствува во цела Русија надвор од Москва“, рече Леонид Волков, близок соработник на истакнатиот критичар на Кремљ, Алексеј Навални. „Ова, се разбира, е модерен римејк за извозот на жито во САД за тврда валута среде гладта од 1932-33 година, од која умреа убиени милиони животи“, оцени тој.

„Ние собираме пари низ целата земја за да купиме заштитна опрема за лекарите, а нашите власти продаваат  таква опрема на САД, што е исмејување“, објавија на твитер од Алијансата на лекарите, независен синдикат поврзан со Навални.

Русија пријави 3.548 случаи на коронавирус и 30 смртни случаи. САД пак објавија повеќе од 215.300 случаи на коронавирус и 5.112 смртни случаи.

Русија претходно испрати во Италија воен конвој кој носеше помош околу епидемијата. Критичарите ја осудија помошта како пропаганден трик, а неименувани официјални претставници за италијанските медиуми изјавија дека поголем дел од неа бил „бескорисен“.