Кој и зошто ѝ подари метла на Дескоска?

„Непознати сторители“ оставија вчера позлатена метла пред Министерството за правда, додека министерката Рената Тренеска-Дескоска беше во Клубот на пратеници заедно со премиерот Зоран Заев, каде што учествуваше во јавна дискусија. Службеници ја внеле метлата која заврши како сувенир во министерскиот кабинет, за што Дескоска објави на Фејсбук толкувајќи дека ваков подарок во правдата може да симболизира расчистување со криминал и корупција.
– Ви благодариме за овој златен подарок – златна метла. Златна метла во правда може да биде за метење криминал и корупција. Се надеваме дека со носењето на законот за јавното обвинителство ќе се исполни оваа насушна потреба на граѓаните. Затоа, охрабрете се – заедно да го изгласаме и да создадеме можност да се измете криминалот и корупцијата! – напиша таа на Фејсбук.
Веста за метлата што била оставена пред Министерството за правда стигна нешто подоцна од информацијата дека конечно ќе се реализира средбата на премиерот Заев со клучниот коалициски партнер во Владата – лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Со тоа почнуваат разговорите за најавените кадровски промени во извршната власт, по предупредувачкиот резултат од неодамнешните претседателски избори, и покрај отпорот кон промените што го манифестираа функционери на ДУИ во овој период.
Со оглед на тоа што „метлата“ што актерот Драган Спасов-Дац му ја подари на премиерот меѓу двата изборни круга стана парадигма за потребата од кадровски чистки, подарокот за Дескоска, сепак, се доживува и во таа конотација. Особено ако се има предвид дека токму нејзиниот ресор се посочува како еден од можните за нова „трампа“ меѓу коалициските партнери.
Една од комбинаториките што се врти во политички кругови е на ДУИ да ѝ биде вратено Министерството за правда, а Дескоска да се врати на чело на Министерството за образование. Но, ако се има предвид дека Дескоска од поодамна изјави дека нема намера да се шета низ ресори и да се враќа назад, така што би се вратила единствено како професорка на Правниот факултет, се спомнува и можност за нејзино унапредување во вицепремиерка, наводно за политички систем, по укинувањето на Секретаријатот за Рамковен договор, што треба да стапи во сила од 1 јуни. Тогаш треба да профункционира и новото министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, што ќе значи заминување на досегашниот вицепремиер Хазби Лика од Владата и именување нов министер – најверојатно од редовите на ДУИ. Во случај да се реализираат овие комбинаторики, тоа би значело и смена на досегашниот министер за образование од редовите на ДУИ – Арбер Адеми со кадар од СДСМ, за што се спомнува сегашниот заменик Петар Атанасов. Соговорници од ДУИ, сепак, велат дека партијата не е заинтересирана да се врати во Министерството за правда, иако во краен случај не се исклучува и таков договор.

Дескоска како министерка за правда драстично ги надмина стандардите во овој ресор во споредба со нејзиниот претходник Билен Саљији, како што, од друга страна, значително се намали функционалноста на Министерството за образование по нејзиното заминување оттаму. Сепак, на министерката за правда ѝ се забележува слаба активност во текот на изборната кампања, иако е член на најтесното раководство на СДСМ. Исто така, има шпекулации за нејзини несогласувања со други членови на владата. Од друга страна, таа беше активно вклучена во почетокот на скрининг процесот на ЕУ за нашата земја, кој стартуваше токму од поглавјата 23 и 24 што се во надлежност на правда. Подготви голем дел од законите за реформа на правосудството. Единствено не успеа досега да избоксува компромис со опозицијата за законот за јавно обвинителство, со кој треба да се реши статусот на СЈО што, пак се наметна како еден од клучните критериуми во контекст на одлуката на Европскиот совет околу почетокот на преговорите на нашата земја со Унијата.
И додека Заев и вчера, пред средбата со лидерот на ДУИ, зборуваше за потемелни кадровски промени во сите ешалони на власта, Ахмети веќе два дена ја промовира идејата за ветинг за носители на јавни функции. Премиерот ги навести и критериумите според кои ќе се изведува операцијата „метла“, посочувајќи дека треба да се вреднуваат поединечните остварувања на секој функционер, независно од која партија доаѓа.
– Иако симболиката дојде од зборот „метла“, сепак, се работи за професионалци. Зборуваме за ароганција, за неисполнување на очекувањата од одредени институции и зборуваме за немукает или неможност да се постигнат очекуваните цели. Значи зборуваме за личности, не за припадници на политички партии или професионалци кои се во Владата. Сите оние кои покажале слабост од ваков карактер треба да се размислува да бидат заменети со други луѓе – изјави Заев.
Ахмети, пак, на средба во Собранието со директорот на Меѓународниот републикански институт за Европа „Пол Макарти“ ја истакнал повторно потребата од ветинг, како форма на проверка на носителите на јавни функции во земјата. Како што соопштија од ДУИ, Ахмети оценил дека со тоа ќе се придонесе за владеењето на правото, неселективна правда, борба против корупцијата, поголема транспарентност и спречување шпекулации и клевети.

Културата чека нов министер

Министерството за култура, кое од 6 мај е без министер – по оставката на Асаф Адеми, исто така се спомнува како еден од ресорите за кои е можна трампа меѓу коалициските партнери. Иако веќе се вртат неколку имиња од СДСМ, како што е претходниот министер Роберт Алаѓозовски или Златко Теодосиевски, од Алтернатива, која го номинираше Адеми за министер, велат дека овој ресор останува кај нив. Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, изјавил за Алсат дека не разговарал досега со премиерот, ама ги отфрла шпекулациите дека нов министер ќе биде Зекирија Ибраими. Пратеникот Весел Мемеди, пак, е убеден дека ресорот локална самоуправа нема да биде опфатен од реконструкцијата, односно дека Суејљ Фазлиу ќе остане министер, како кадар на НДП. И Мемеди изјавил за Аласт дека не е разговарано досега со премиерот за најавените кадровски промени.
Заев најави дека промените во извршната власт, почнувајќи од неговиот кабинет, па до јавните и државни претпријатија, ќе се реализираат во почетокот на следниот месец. Потоа, би се преминало и на промени и реорганизација во СДСМ, за што треба да се одржи и постизборен конгрес најдоцна во почетокот на јули. Во тој контекст, не се исклучува и можност за назначување на нов генерален секретар на партијата, за што се спомнува министерот за земјоделство Љупчо Николовски. Во таков случај, тој би требало да отстапи од министерското место, затоа што статутот на СДСМ не дозволува партиски секретар да биде функционер во извршната власт.

Александра М. Митевска